Споменикот на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во Скопје, кој е дивоградба и прекршува низа закони, уште стои нечепнат. Оваа дивоградба ја загрозува и безбедноста, бидејќи е блокиран влезот на Плоштадот. Власта на СДСМ нема абер да ја урне бетонската дивоградба која почна да ја гради експремиерот Никола Груевски, а која архитектите и стучната јавност бараат веднаш да се отстрани.
Премиерот Зоран Заев на 19 февруари на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека го чуле гласот на народот и споменикот пролетва ќе се отстрани. Но, од изјавата на Заев поминаа три месеци и не само што споменикот не е урнат, туку постапките за отстранување не се мрднати од место.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ признава дека нема никаков напредок во постапките за уривање на споменикот, но вели дека тоа е така бидејќи чекаат документи од Министерството за култура.
„На 26 април, испративме допис до Министерството за култура во кој бараме да ни се достави целокупната документација за овој споменик, кој е всушност нивни проект. Врз основа на таа документација треба да се утврдат прекршувањата за да може споменикот да се урне. До денеска немаме добиено одговор“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.
СДСМ е на власт на централно и на локално ниво четири години и ништо не направи да отстранување на оваа дивоградба. На градоначалниците на Општина Центар Саша Богдановиќ и на Град Скопје Петре Шилегов за 4 месеци ќе им истече мандатот, а дивоградбата која и двајцата остро ја критикуваат и велат дека треба да се отстрани, уште стои.
Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.