ГО СЛУШНАВМЕ ГЛАСОТ НА НАРОДОТ, ПРОЛЕТВА ЌЕ СЕ УРНЕ ДИВОГРАДБАТА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ГО СЛУШНАВМЕ ГЛАСОТ НА НАРОДОТ, ПРОЛЕТВА ЌЕ СЕ УРНЕ ДИВОГРАДБАТА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЗАЕВЗаев вели дека после слушање на гласот на граѓани одлуката е јасна, овој објект мора да се отстрани за да може градот да дише.(Фото: К.Попов)

    Пролетва ќе се урне дивоградбата што требаше да биде споменик на Мајка Тереза и која го блокира влезот на Плоштадот Македонија, а која почна да ја гради експремиерот Никола Груевски пред 8 години, најави денеска премиерот Зоран Заев. САКАМДАКАЖАМ.МК денеска го праша премиерот зошто власта на СДСМ  четири години дозволува сред центарот на Скопје да стои 32-метарската бетонска дивоградба за која архитектите, урбанистите и граѓаните бараат да се урне оти го крши Уставот и низа закони. Заев одговори дека јасно му е што е барањето на граѓаните, го слушнал гласот на јавноста и верува дека пролетва споменикот ќе го нема и пристапот кон Плоштадот ќе биде слободен.

    „Без разлика на желбите на Владата, на премиерот и на другите функционери што можете да направите со нешто за што се потрошени народни пари и е дојдено во состојба во која треба да одлучите дали ќе го отстраните или ќе го продолжите, морате да внимавате и на правните аспекти. После слушање на гласот на граѓани одлуката е јасна и кај нас како Влада и кај Град Скопје, овој објект мора да се отстрани за да може градот да дише. Но, мора да почекаме да завршат правните аспекти бидејќи не можете слушајќи го гласот на народот веднаш да постапувате. Јас верувам дека оваа пролет ќе имаме правно решение за да можеме пролетва да го отстраниме овој објект“, рече Заев кој денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи на Град Скопје за реконструкција на Кеј 13 Ноември.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира