Надлежните органи во државата со вонреден инспекциски надзор во казината во Дојран ќе утврдуваат дали и кој издавал лажни ковид тестови на гости од Грција на кои им биле потребни за да се вратат без проблеми во својата држава. Грчки медиуми објавија дека во казина во непосредна близина на граничниот премин Дојрани-Дојран се издавале лажни ПЦР тестови од овластена лабараторија од земјава, без да се врши тестирање.
Целиот случај бил откриен кога во еден ден на граничниот премин Дојрани при случајно тестирање на 45 патници, 9 биле позитивни иако со себе имале потврда за негативен тест од коронавирус.
Неофицијално станува збор за потврди од официјална здравствена установа со имиња на клиентите кои доаѓаат без да биде извршено било какво тестирање.
Вонредниот инспекциски надзор го најавија од Државниот здравствен инспекторат, но и од Министерството за внатрешни работи, до кои засега нема такви пријави, но велат ќе направат контрола по допрен глас. Од таму додаваат дека немаат конкретни сознанија во кој објект се издавале негативните лажни ПЦР тестови, па затоа ќе побарат дополнителни информации од грчките власти.
Градоначалникот на Дојран Анго Ангов за овој случај слушнал од медиумите. И тој ги повика надлежни органи да извршат контрола за да се утврди кој всушност издавал лажни тестови.
„Оваа информација ниту можам да ја потврдам, ниту можам да ја отфрлам бидејки Општината нема ингеренции да врши ваква контрола, туку си има надлежни институции кои треба да извршат проверка и доколку е така, навистина треба да се санкционира . Она што го знаеме ние е дека во Дојран има пункт за тестирање кој фунцкионира повеќе месеци и таму сите патници кои влегуваат во Грција преку Дојран се тестираат. Станува збор за лиценцирана фирма која издава официјални потврди“, ни изјави градоначалникот Ангов.
Грчката телевизија „Опен“ објави видео сторија за казина во Дојран каде гостите кои доаѓаат од Грција за да се коцкаат во тукашните казина, добиваат бесплатни лажни тестови со кои можат да се вратат дома. Од пред две недели за влез во Грција покрај двојна вакцинација задолжителен е и негативен ПЦР тест за сите, па и и за грчките државјани.
В. ТРАЈКОВ