ВМРО-ДПМНЕ СО ЦИТАТ ОД ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ ГО ПОЧНА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО

    ВМРО-ДПМНЕ СО ЦИТАТ ОД ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ ГО ПОЧНА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТОДемонстрантите на чело на протестниот марш носат транспарент со цитат од Тодор Александров: „Организацијата е народот и народот е организацијата“ (Фото: СДК.МК)

    Со погребни песни и стихови од панихиди, тргна поворката на ВМРО-ДПМНЕ во протест против потпишаниот договор за решавање на спорот со името, од спортската сала во Битола кон градскиот плоштад. Протестот почна два часа по потпишувањето на договорот со Грција во Псарадес (Нивици) на грчката страна на Преспа.
    На протестот на кој се присутни околу 1.500 луѓе на чело демонстрантите носат транспарент со цитат од Тодор Александров: „Организацијата е народот и народот е организацијата“, а има и крст на кој пишува: „Република северно од Македонија“. Тука се и портрети од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април Никола Митровски – Кољо и Александар Василевски – Нинџа, кои откако сами им се предадоа на полициско-судските органи, се во притвор во Шутка.
    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не е до овие транспаренти и портрети, тој барем на почетокот на маршот, е во средината со граѓаните.
    Крстот попат демонстрантите го оставија пред општинската организација на СДСМ и продолжија кон плоштадот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира