ВНУКАТА НА АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ ГО РАСКАЖА НЕГОВИОТ ЖИВОТ ОД ПАРТИЗАНСКИТЕ ДО ЗАТВОРСКИТЕ ДЕНОВИ ВО ПРЕТСТАВАТА „ЃОРЕ МАГАРЕВСКИ“

    ВНУКАТА НА АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ ГО РАСКАЖА НЕГОВИОТ ЖИВОТ ОД ПАРТИЗАНСКИТЕ ДО ЗАТВОРСКИТЕ ДЕНОВИ ВО ПРЕТСТАВАТА „ЃОРЕ МАГАРЕВСКИ“„Ова е семејна приказна на моите баба и дедо. Потекнуваат од Егејска Македонија и тие се политички мигранти, односно учесници во Граѓанската војна во Грција од 1947 до 1949 Потоа емигрирале во Ташкент“, рече внуката Билјана Крајчевска/Александар Поповски. (Фото: СДК.МК)

    Во претставата за 80. роденден на Народниот театар од Битола „Ѓоре Магаревски – 80 години подоцна“, чија премиера е утревечер, е испреплетена и вистинската животна приказна на Александар Поповски (1932-2022), македонски партизан, учесник во Граѓанската војна во Грција кој емигрирал во Ташкент, а кога се вратил во Македонија извесен период го држеле во затворот во Идизово за да испитаат дали е Македонец и кои му се целите на доаѓањето.

    Ова е вистинска семејна приказна на Билјана Крајчевска, драмaтург на јубилејната претстава „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“. За неа е снимен осуминутен видеоматеријал изработен од Марјан Ѓоргиевски, а во режија на Благој Мицевски, кој ќе биде прикажан на претставата како еден вид документаристика и претставува сврзно ткиво токму за прашањата на идентитетот и вистината кои се третираат во претставата.

    Крајчевска рече дека за нејзиниот дедо Поповски, кој долги години беше претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, досега многу се пишувало, па затоа одлучила приказната да ја раскаже од аголот на баба ѝ, сопругата на Александар, преку нејзините црни волнени чорапи.

    „Ова е семејна приказна на моите баба и дедо. Потекнуваат од Егејска Македонија и тие се политички мигранти, односно учесници во Граѓанската војна во Грција од 1947 до 1949. Потоа емигрирале во Ташкент. Таму се запишале на студии, се вратиле повторно во Македонија. Мојот дедо е Александар Поповски, беше претседател на Здужението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Токму денес се навршуваат две години од смртта и се надевам дека ќе биде горд што и нивната приказна ќе биде дел од претставата. Инаку, беа партизани и беа во затвор кога се вратија од Ташкент назад во Македонија, беа во Идризово“, рече Крајчевска на денешната прес-конференција.

    Режисерот Благој Мицевски ја охрабри Крајчевска да напише роман или драма за театарска претстава за оваа приказна зашто темата тоа го заслужува.

    Александар Поповски бил роден во Долно Котори, Леринско во 1932.  Во антифашистичката војна во партизани заминал на многу рана возраст, прво како курир, а потоа и се борел. Учествувал во Граѓанската војна во Грција. Бил апсен, мачен, рануван во борби. Учествувал и во борбите на Грамос и битката за Лерин. Заминал за Ташкент на 19 години, таму се школувал во Воената академија. Откако се вратил во Македонија долги години бил на чело на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола и ги организирал познатите средби во Трново.

    Крајчевска денеска апелираше до писателите и драматурзите да пишуваат и објавуваат повеќе дела на македонски јазик.

    „Кога разговараме со децата кои доаѓаат во Театарот забележуваме дека размислуваат на странски јазик. Отсекогаш нè учеле дека за да знаеш некој јазик, треба најдобро да си го знаеш сопствениот. Денес светот е отворен, но зачувувањето на македонскиот јазик е национално богатство. Ова е повик и до македонските автори и режисери да се зголеми творештвото бидејќи после нас останува само она што сме го создале“, рече Крајчевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира