Осумдесетишестгодишниот велешанец Благој Панов има возачка дозвола која датира од пред 67 години. Издадена е на 6 август 1955, десетина години веќе не ја продолжува, но затоа таа му е драг спомен. Тој вели дека во 1950-тите години велешани полагале за возачка дозвола така што морале два дена да возат камион и да минуваат стотина километри.
„Коли малку имаше тогаш во Велес, на прсти се броеја. Решив да полагам на 20 години и се пријавив. Ми закажаа за полагање по некое време. Не собраа кај стара аптека, пред Саатот. Бевме околу 30-тина кандидати, се машки, женско тогај немаше. Кај имало такво нешто жена кола да вози, такви беа времињата. Не` прозиваа и не` качија во камион. Сите полагавме за кола, за „Б“ категорија, ама на камион се полагаше. И тргнавме, два дена се полагаше. Се возеше релација преку Штип, Радовиш, Неготино, до Прилеп, па преку планината Бабуна по стариот пат назад до Велес. Спиевме во Неготино“, вели Панов.
„Комисијата се состоеше од два члена, тие седеа до нас во кабината. Ќе речат стој, застануваш, седнува друг кој доаѓа од назад, па тој вози некое време, јас одам назад и така се сменувавме по два-три пати, идеше да возиме одредена релација. Тогаш положив и добив дозвола за возач на автомобил“, кажува Панов.
Оваа приказна ја потврдува и Трајко Раков, тогашниот член на комисија од Велес, кој важеше за строг и принципиелен.
П. ПЕЧКОВ