ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ НИКОЈ НЕ ГЛЕДА КОЛКУ ЧАСА РАБОТИ, РАСКАЖУВА Д-Р КИРИЛ ДОНОВСКИ ОД РЕСЕН КОЈ ПОМАГАШЕ НА КОЛЕГИТЕ ОД СКОПЈЕ

    ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ НИКОЈ НЕ ГЛЕДА КОЛКУ ЧАСА РАБОТИ, РАСКАЖУВА Д-Р КИРИЛ ДОНОВСКИ ОД РЕСЕН КОЈ ПОМАГАШЕ НА КОЛЕГИТЕ ОД СКОПЈЕНајтешко ми падна смртта на мојот сограѓанин, ресенчанецот и ракометар Илче Котевски кој битката со коронавирусот ја загуби на 41 години - д-р Доновски (лево) со екипата од „8 Септември“ - Фото: приватна архива

    Во борбата да се спаси секој живот, никој од лекарскиот тим не погледува на часовникот дали му завршила смената, дали е време за пауза или за ручек, раскажува доктор Кирил Доновски, специјалист по интерна медицина од Болницата во Отешево кој 18 дена помагаше во лекувањето на пациентите заболени од ковид-19 во ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Беше дел медицинскиот тим составен од двајца доктори и четири медицински сестри од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација во Отешево што се одзваа на повикот на Министерството за здравство и повеќе од две недели минаа лекувајќи ги најтешките пациенти од целата земја хосипитализирани во Скопје.

    „Од 24 часа на ден, 12 до 14 саати минувавме облечени во скафандер што навистина исцрпувачки делува врз организамот, прави дехидратација, замор, омалаксаност. Сепак, никој од нас не гледаше кога му завршува работното време. Се гледаше да се брка работата, да не чекаат пациентите. Нивната состојба се следи од час на час, дали има влошување, подобрување. На пациентите гледав како на мои блиски“, вели доктор Доновски.

    Тој од Скопје се врати пред четири дена. Додека беше во „8 Септември“ еден од најтешките моменти му беше смртта на неговиот сограѓанин, ресенчанецот и ракометар Илче Котевски кој битката со коронавирусот ја загуби на 41 година пред десетина дена.

    „Мака ми е што до утрото до крајот на моето дежурство беше во ред. Ми следуваше ден за одмор и тогаш почина. До последно дававме оптимизам, верба дека ова ќе помине, дека заедно сите, медицинскиот тим и тој, ќе се вратиме во Ресен, сѐ ќе биде како порано. Вчера разбрав и дека почина наш колега од Тетово, прв здравствен работник е што ја изгуби битката со оваа болест. Целиот медицински персонал ги сметам како браќа и сестри по струка, па загубата е како да си загубил некој од семејството“, вели Доновски.

    Апелира да се носат маски, да се одржува дистанца од најмалку два метри и редовно да се мијат раце. Дел од пациентите со кои се сретнал, болеста ја сфатиле сериозно дури откако легнале на болничка постела.

    „Мислат дека е како обична настинка, грип, ќе помине сам од себе. Но, мои лежечки пациенти кои дојдоа во една таква критична ситуација, станаа свесни за состојбата во моментот кога легнаа на болнички кревет. До тогаш не веруваа дека ова може да им се случи, дека е далеку, дека е теорија на заговор, на 5-ГЕ, Бил Гејтс… Но, велат, стануваме свесни за целата состојба во моментот кога ќе легнеме на болнички кревет, во моментот кога сме поврзани на довод на кислород. Но, тогаш за некои е веќе доцна“, додава специјалистот од Ресен.

    За болницата „8 Септември“ во Скопје вели дека ситауцијата е тешка зашто медицинскиот кадар е преморен. Неговите колеги по четири месеци не се заминати дома, не си ги виделе семејствата.

    Болницата од Отешево им се заблагодари на лекарите и медицинските сестри кои заминаа за Скопје да им помогнат на колегите во болницата „8 Септември“ во Скопје во која се лекуваат најтешките случаи на ковид-19

    „Менаџерскиот тим им се заблагодарува за покажаната професионалност и хуманост, годри сме на нив, тие се херои на нашето време“, рече Билјана Гошаревска, портпарол на болницата од Отешево.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира