Уште 303 пушки од Балканските војни и други парчиња оружје се пронајдени при денешното пребарување на теренот во поранешната битолска касарна, на местото каде што се гради новиот противпожарен дом. Со вчера откриените 110 пушки, бројката се искачи на 413. Пиротехничарот Ѓорги Стефанов од Дирекцијата за заштита и спасување вели дека е можно да има уште многу, слично како гранатите што ги откопа пред четири години кај Стадионот во Битола.
„Денеска извадивме уште 303 пушки, артилериска граната од 95 милиметри и 30 куршуми со калибар 7,2 милиметри. Продолжуваме в понеделник и се очекува количината да достигне како што беше со гранатите кај Стадионот, кога се извадија 12.500 гранати. Пушките беа закопани во земја. Произведени се од 1910 до 1912 година, од непознато потекло се, веројатно турски. Повеќето се ‘рѓосани и распаднати”, рече Стефанов.
Отстранетото оружје се складира на безбедно, а потоа ќе се носи во Железарницата во Скопје на топење. Додека не бидат отстранети сите опасни средства, изградбата на противпожарниот дом ќе биде запрена.
Ж. ЗДРАВКОВСКА