ВО БИТОЛА ИЗЛОЖЕНИ ДЕЛА НА ПАНДЕ МАНОЈЛОВ, ЧИЈА ПЕСНА Е НЕФОРМАЛНА ХИМНА НА ПАЛЕСТИНЦИТЕ

    ВО БИТОЛА ИЗЛОЖЕНИ ДЕЛА НА ПАНДЕ МАНОЈЛОВ, ЧИЈА ПЕСНА Е НЕФОРМАЛНА ХИМНА НА ПАЛЕСТИНЦИТЕМанојлов ја напиша песната за Палестина во 1982 година во „Нова Македонија“, на арапски ја превел студент по социјалогија во Скопје и ја објавил во весник во Кувајт, по што била и прогласена за најубава странска песна за Палестина. (Фото: СДК.МК)

    „На некој од Скопје да му беа стиховите во своевидна химна на еден народ, па човекот ќе го предложеа и за Нобелова награда. А Панде наш, горд битолчанец, не доби таков публицитет“, рече писателот Добре Тодоровски на изложбата на делата на битолскиот поет, писател и долгогодишен новинар Панде Манојлов, кој почина лани од коронавирус на 72-годишна возраст.

    Манојлов ја напиша песната за Палестина во 1982 во весникот „Нова Македонија“, инспириран од страдањата на палестинскиот народ при трагичните масакри во бегалските логори Сабра и Шатила. Длабоко сочувствувал со Палестинците бидејќи и неговите предци биле од Егејска Македонија, па морале да го напуштат родното огниште и да се преселат во битолското село Породин каде што беше роден и тој.

    Неговата песна на арапски ја превел студент по социологија во Скопје и ја објавил во весник во Кувајт, па оттогаш била преобјавувана во други списанија, книги и станала позната во арапската култура, па и прогласена за најубава странска песна за Палестина. Манојлов се сретнал со некогашниот студент по социологија дури по 25 години откако ја напишал  песната и му било кажано дека е автор на најпознатата песна за Палестина, која стана своевидна химна на палестинскиот народ. Тој претходно не ни знаеше дека една негова творба, од стотиците што ги имал напишано, станала толку популарна надвор од земјава.

    „Панде е еден од најголемите македонски писатели, тоа времето ќе го докаже. Моите повозрасни колеги Владимир Костов и Радован П. Цветковски на времето додека бев помлад ми велеа ‘Не си во Скопје, не си ништо’. Во химната на Палестина се вклопени неговите стихови и тој од палестинскиот народ ги доби сите признанија што му следуваа, а од нас не доби ништо. Што се однесува на Битола, читајте ја книгата ‘Битола, љубов моја’, ќе видите со која љубовна жестина настапува поетот, па многумина се обидуваат да го копираат, но тој е неповторлив“, рече Тодоровски.

     

    Во Битолската библиотека денес беа изложени 29 книги на Манојлов. (Фото: СДК.МК)

     

    Во Битолската библиотека денес беа изложени 29 книги на Манојлов, а пред да почине остави материјал и за објава на уште едно дело. Дел од изложбата беа и неговите награди, признанија, како и написите од весници, меѓу кои и најпознатата рубрика Чкембаријада од „Битолски весник“, во која пишуваше сатира и хумор под псевдонимот Пантелеј Чкембаро.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира