ВО БИТОЛА СТИГНАА 16 КАМИОНИ ЗА ЃУБРЕ, МИЦКОСКИ РЕЧЕ ДЕКА СЕ ПОДГОТВУВА РАБОТАТА НА ИДНАТА РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА ВО НОВАЦИ

    ВО БИТОЛА СТИГНАА 16 КАМИОНИ ЗА ЃУБРЕ, МИЦКОСКИ РЕЧЕ ДЕКА СЕ ПОДГОТВУВА РАБОТАТА НА ИДНАТА РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА ВО НОВАЦИВо тек е подготовка на јавната постапка за регионалната депонија во Пелагонискиот и Југозапдниот Регион. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола денеска беше испорачана и промовирана опрема за управување со цврст отпад, составена од 16 нови возила и голем број контејнери и канти, наменети за општините од Пелагонискиот и Југозападниот Регион. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека опремата е дел од регионалниот проект за управување со цврст отпад.

    „Со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар“, рече Мицкоски.

    Тој додаде дека проектот за интегрирано управување со смет опфаќа изградба на три регионални санитарни депонии на ниво на државата, што ќе значи истовремено санација и затворање на три постојни нестандардни депонии, изградба на претоварни станици и набавка на опрема и механизација за собирање и транспорт на отпад за пет плански региони во државата.

    Новиот министер за животна средина Муамед Хоџа рече дека со инвестиција од околу 11 милиони евра, современиот модел за управување со отпад станува реалност за над 400.000 граѓани од 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион.

    „Во 2026 година ја поставуваме клучната инфраструктура. Во тек е подготовка на јавната постапка за регионалната депонија во Пелагонискиот и Југозападниот Регион. Не застануваме тука, се финализира постапката за депонијата во Русино, Полошки Регион, а објавен е јавниот повик за депонијата во Свети Николе, која ќе го опфати Североисточниот и Источниот Регион“, рече Хоџа.

    Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека ја поддржува оваа одлука затоа што само со заеднички решенија може да се има чист регион.

    Стевче Стевановски, градоначалник на Новаци и претседател на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпадот, рече дека регионалната депонија ќе биде со највисоки еколошки стандарди, контрола, мониторинг и безбедност.

    „Ќе се затвори и санира постојната депонија во Мегленци, долгогодишен проблем што ги мачи жителите на Новаци и влијае врз почвата, водите, воздухот и квалитетот на животот на граѓаните“, рече Стевановски.

    Изградбата на регионалната депонија во изминатите месеци предизвика низа протести на жители од Битолскиот Регион, кои на неа гледаа како на дополнителен извор на загадување, покрај РЕК „Битола“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира