ВО ИСХРАНАТА НА ВЕЛЕШКИТЕ ДЕЦА ТРЕБА ПОВЕЌЕ ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК, А ПОМАЛКУ БЛАГО ОТИ ИМА СЛУЧАИ НА ДЕБЕЛЕЕЊЕ

    ВО ИСХРАНАТА НА ВЕЛЕШКИТЕ ДЕЦА ТРЕБА ПОВЕЌЕ ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК, А ПОМАЛКУ БЛАГО ОТИ ИМА СЛУЧАИ НА ДЕБЕЛЕЕЊЕВелес нема проблем со потхранетост, туку со прекумерна тежина кај децата, покажаа испитувањата (Фото: СДК.МК)

    Храната што ја добиваат велешките деца во градинките, учениците во ОУ „Блаже Конески“, каде има целодневен престој и во Средношколскиот дом е бактериолошки безбедна, но потребно е да биде разновидна. Ова го констатирале надлежните од Центарот за јавно здравје Велес, кои го испитуваат квалитетот, но и биолошката вредност на оброците.

    „Потребно е повеќе свежо овошје и свеж зеленчук за да се надмине употребата на сложени шеќери во вид на разни слатки, десерти и блага. Ова се однесува на сите три институции. Во ОУ ‘Блаже Конески‘ рибата е скоро незастапена’, кажа пред велешките советници прим. д-р Снежана Петрова, специјалист по храна од ЈЗУ Центар за јавно здравје.

    Ова се констатации врз основа на извршени контроли на 10, односно 20 оброци, во зависност од институцијата, во текот на целата година.

    „Првите пет години од возраста на детето се најважни и важно е каква храна му се нуди и за да добие здрави навики. Потребно е посебно внимание против дебелеењето на децата“, вели д-р Лили Чолакова Дервишова, член на велешкиот Совет.

    Овие констатации ги потврди д-р Петрова. Објасни дека испитувале раст и ухранетост на децата во градинка, второ и петто одделение и во прва година средно.

    „Разочарувачки е тоа што го наоѓаме во резултатите, оти дебелеењето е многу присутно. Тоа не е болест, но е симптом кој носи ризик од некои заболувања во подоцнежниот животен век. Во градот немаме проблем со потхранетост, туку со прекумерна тежина. Имаме случаи на умерено, но и екстремно дебели деца. Проблемот постои и очекувам реакција и од родителите. Тие знаат што јадат нивните деца секој ден. Родителите даваат пари за ужинка, која децата ја користат за брза храна“, додаде д-р Петрова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира