ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА 40 ПРЕКРШУВАЊА НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ВИКЕНДОВ, ШТИПЈАНЕЦ ФАТЕН НАДВОР КОГА ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА

    ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА 40 ПРЕКРШУВАЊА НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ВИКЕНДОВ, ШТИПЈАНЕЦ ФАТЕН НАДВОР КОГА ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ВО ИЗОЛАЦИЈАБројот на заразени здравствени работници во Штип порасна на 14 (Фото: СДК.МК)

    Во изминатите три дена, СВР Штип, кој ги покрива градовите од Источна Македонија, привел 40 лица кои не го почитувале полицискиот час. Непочитување имало речиси во сите поголеми градови.

    „Од 40-те приведени, двајца се малолетници, а три лица се постари од 67 години. Најмногу, 15 приведени има во Штип и 11 во Делчево. Сите ќе одговараат по член 206 од Кривичниот закон за вонредни услови и непостапување според здравствените прописи во време на пандемија, за што казните изнесуваат и до 2.000 евра“, вели портпаролот СВР Штип, Гордана Панајатова.

    Пред викендот, само во Штип биле поднесени вакви пријави за 21 лице. Еден штипјанец заработил двојна казна, затоа што за време на полициски час бил фатен на улица, кога требало да биде и во самоизолација. Се правдал дека излегол надвор само за да го фрли ѓубрето во контејнер, па барал да добие барем една казна.

    Што се однесува до заболените од коронавирус во Штип, најнов случај е позитивниот тест на еден болничар од Инфективното одделение. Вкупно се заразени 14 здравствени работници од овој град и тие се наоѓаат во домашен карантин. Се чекаат резултатите за 16 вработени на Детското одделение во Кочани кои биле во контакт со заболеното бебе, како и за 13 здравствени работници од Штип, кои имале контакт со заболените од Кочани, а се хоспитализирани на Инфективното одделение во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира