ВО ЈУГОИСТОКОТ СЕ ФРЛААТ НАД 22 ИЛЈАДИ ТОНИ ОРГАНСКИ ОТПАД, НИКОЈ НЕ ПРАВИ ОРГАНСКО ЃУБРИВО

    ВО ЈУГОИСТОКОТ СЕ ФРЛААТ НАД 22 ИЛЈАДИ ТОНИ ОРГАНСКИ ОТПАД, НИКОЈ НЕ ПРАВИ ОРГАНСКО ЃУБРИВОПреку проект на ЕУ годинава ќе се доделат околу 400 компостери на заинтересирани домаќинства и земјоделци (Фото: СДК.МК)

    Илјадници килограми градинарски отпад се фрла по депониите во Југоистокот кој важи за најземјоделскиот регион во земјава. Огромни остатоци од раноградинарското производство завршуваат покрај патишта и реки. Цели корени од  крастравици и домати со плодови, зелка, пиперки се фрлаат иако од нив може да се направи органско ѓубриво или компост. Граѓанските здруженија од Струмица со години алармираат до земјоделците да  вршат компостирање на земјоделскиот отпад од нивите од кој би добиле квалитетно ѓубриво.

    Земјоделците слушнале дека од зеленчукот што го фрлаат може да се направи ѓубриво, но не знаат како (Фото: СДК.МК)

    „Како здружение, постојано апелираме да не ги фрлаат остатоците од зеленчук и овошје по депонии или покрај нивите, туку тие да ги складираат во компостери кои можат да се направат и рачно од дрвена граѓа. Со складирањето на остатоците од зеленчук во ваквите дрвени корпи, тие ќе го намалат загадувањето на животната средина а ќе добиваат ѓубриво кое е доста квалитетно. Во струмичко имаме пролетно и есенско производство на домати и краставици под пластеници, што значи станува збор за тони органски отпад“, вели Митко Шопов од еколошкото друштво „Планетум“.

    Земјоделците слушнале дека од зеленчукот што го фрлаат може да се направи ѓубриво, но не знаат како. Никој досега не им објаснил како треба да се складира и кој е начинот на добивање ѓубриво од отпад и како тече целиот процес.

    Машинско дробење на органскиот отпад (СДК.МК)

    „Сме слушнале, ама немаме навика за тоа. Колку што разбрав треба да се складира во дрвени кошеви и одвреме навреме да се меша отпадот со земја, за да таа растителна маса прегние и се создаде хумус. Велат, било потребно минимум 6 месеци, но некој треба да ни објасни и да ни помогне. Инаку, купуваме компост и е доста корисен за нас, но е многу скап. Пакување од 10 килограми  чини 200 денари“, вели Душко Стојанов земјоделец од Пиперево.

    Градежниот интитут на Македонија при изработката на Регионалниот план за интегрирано управување со отпадот констатира дека во овој дел од државата околу 50 проценти од  отпадот е биоразградлив. Во ниту една од 10-те општини нема целосна селекција на отпадот ниту компостери. Пресметале дека годишно од овој регион  се создава околу 22 илјади тони органски отпад кој може да се искористи за добивање органско ѓубриво – компост. Тврдат дека градинарскиот отпад е многу поголем, бидејки анализата е правена на создаден и собран отпад преку комуналните претпријатија, а праксата покажува дека земјоделците остатоците од зеленчук ги оставаат по патишта, канали или селски депонии.

    „Во овој регионален план акцент даваме и за домашното компостирање, бидејки како регион сте познати по земјоделие. Имате премногу рурално население кое може да компостира дома, со што ќе се намалат количините на одложен отпад во депониите, а од друга страна ќе се подобри услугата на комуналните претпријатија кои нема потреба толку често да собираат отпад од селата, нема да има потреба од селекција бидејки отпадот ќе биде селектиран, а земјоделците ќе може да профитираат со производство на органско ѓубриво“, вели Игор Ристовски од Градежниот институт од Скопје.

    Пред десетина години, струмички Комуналец со здружението Агробиотика реализираа проект за компостирање на зеленчукот кој остануваше по зелените пазари, но никој од земјоделците не се нафати (Фото: СДК.МК)

    Центарот за развој на Југоисточниот плански регион оваа година  преку проект на ЕУ од програмата за прекугранична соработка со Бугарија спроведува кампања за производство на губриво од отпад, при што ќе додели околу 400 компостери на заинтересирани домаќинства и земјоделци. Целта е да ја подигне свеста кај домакинствата од овој регион за придобивките од компостирањето.

    „Ќе изработиме промотивни матријали, видеоспотови, а ќе организираме и обуки како се врши компостирање. Целта е да ги научиме земјоделците дека остатоците од зеленчук и овошје може да се искористат за органско ѓубриво кое ќе ја подобри квалитетот на почвата. Паралелно, на 400 заинтересирани земјоделци и домакинства бесплатно ќе им доделиме компостери за домашна употреба“, вели Жулиета Ѓуркова.

    Проекциите говорат дека од 1.000 килограми градинарски и органски отпад, кој се складира паралелно со земја и треба еднаш седмично да се промешува, се добива најмалку 200 килограми компост во зависност од каква растителна маса е отпадот. Анализите покажуваат дека едно земјоделско домаќинство од еден хектар површина со градинарски растенија фрла најмалку 10 тони  органски отпад.

    Пред десетина години, ЈП Комуналец од Струмица заедно со здружението Агробиотика реализираа проект за компостирање на зеленчукот кој остануваше по зелените пазари, но за жал, никој од земјоделците не се нафати да ги користи придобивките од овој природен процес за добивање органско губриво.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира