Во Општина Карпош ќе се воведе зонско паркирање само ако тоа го сакаат граѓаните, вели градоначалникот Стефан Богоев. Тој вели дека не се точни информациите дека во општината ќе се наплатува паркирање, бидејќи Советот на Општина Карпош не донел таква одлука, ниту пак ќе донесе ако жителите не сакаат да се воведе зонско паркирање.
„Паркингот останува бесплатен, наметнати решенија нема да има. Јас и во својата програма за периодот 2017 – 2021, децидно наведов, дека во делот на капитални проекти остануваме на ставот дека граѓаните на Карпош бесплатно ќе ги паркираат своите возила. Дали на некои локации ќе има зонско паркирање може да решат само мнозинството од жителите на овие делови од Карпош кои се соочуваат со проблемот, откако претходно тие сознанија ќе бидат добиени со спроведување на анкета и непосредно изјаснување“, вели градоначалникот Стефан Богоев.
Информацијата за воведување на зонско паркирање низ општините во Скопје излезе откако на вчерашната Седница на Советот на Град Скопје беше усвоена инвестиционата програма на ЈП „Градски паркинг“. Во програмата стои дека претпријатието планира да воведе нови зонско паркинзи во Аеродром, Ново Лисиче, Карпош, Ѓорче Петров, Водно и во Кисела Вода.
Од Град Скопје велат дека вакви предлози имало во инвестиционите програми на претпријатието години наназад односно се предвидуваат паркиралишта во случај некоја општина да побара воведување на зонско.
„Оваа одлука не е ништо ново, се носела и минатите години. Претпријатието мора да го планира работењето доколку некоја општина побара воведување на зонско паркирање“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА