ВО КУМАНОВО НЕМА ДА СЕ ОДРЖИ РЕФЕРЕНДУМ ЗА БЕГАЛЦИТЕ

    ВО КУМАНОВО НЕМА ДА СЕ ОДРЖИ РЕФЕРЕНДУМ ЗА БЕГАЛЦИТЕМнозинството советници од коалицијата на СДСМ не дадоа поддршка на предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на дневен ред да се најде донесување на одлука за распишување на референдум преку кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за населување и интеграција на мигранти на територија на Општина Куманово, ниту ја поддржаа наводната граѓанска иницијатива „Будење“, која собра над 1.000 потписи од граѓаните (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Куманово ја отфрли иницијатива за распишување референдум против изградба на станови за мигранти на територијата на општината Куманово. На последната седница, мнозинството советници од коалицијата на СДСМ не дадоа поддршка на предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на дневен ред да се најде донесување на одлука за распишување на референдум преку кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за населување и интеграција на мигранти на територија на Општина Куманово, ниту, пак, ја поддржаа наводната граѓанскаа иницијатива „Будење“, која собра над 1.000 потписи од граѓаните.

    „Предлогот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ немаше никакво образложение и не беше поткрепен со факти, документи и материјали, за да можеме да видиме дека општина Куманово има проблеми за кои Советот може да распише референдум. Мнозинството советници се изјаснија дека нема потреба од распишување на референдум, бидејќи сè се сведува на шпекулации, без конкретни докази. Не можеме ние да носиме референдумско прашање за нешто што не сме го виделе и немаме материјален доказ, ниту е во наша надлежност“, изјави претседателот на Советот Александар Арсиќ.

    „И покрај нашата аргументација за оваа иницијатива мнозинството советници на седницата, предводено од СДСМ и неговите коалициони партнери, со крајно паушални и несфатливи констатации истата ја отфрли. Со ова отфрлање директно, граѓаните на Куманово беа спречени самите да одлучуваат за судбината на својот град и за иднината на своите деца“, изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски.

    Арсиќ вели не била уредно поднесена граѓанската иницијатива „Будење“ за распишување референдум. Тој објаснува дека прво требало да се побара од Советот покренување на граѓанска иницијатива, а откако ќе добиеле согласнот можеле да преминат на собирање на потписи во надлежното министерство.

    „Од ‘Будење’ сами прогласиле граѓанска иницијатива, притоа беше прекршен и Законот за заштита на лични податоци, бидејќи на 1.023 граѓани им беа земени матични броеви, јавно на плоштад, поради што постои кривична одговорност на самите покренувачи на иницијативата. Земањето на лични податоци се врши само во државен орган, не може да земате матични броеви каде што сакате и потоа да ги дистрибуирате понатаму низ општината и општинските служби“, додава Арсиќ.

    Потписите за референдум се собираат во Министерството за правда, 10 отсто од вкупниот број на население, што значи околу 10.000 полнолетни граѓани кои живеат во општина Куманово треба да дадат поддршка на иницијативата, доколку се прифатеше.

    Куманово е една од трите општини во државата со локална власт на СДСМ, која не изгласа одлука за распишување на референдум за изјаснување за„Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година“.

    Покренувањето на иницијативата за референдумите против бегалците е стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, која ги темпира така што да се поклопат со престојните локални избори на 15 октомври.

    Наводната граѓанска иницијатива „Будење“, во која се и општински службенци од ВМРО-ДПМНЕ, собира потписи во повеќе општини во земјава, против, како што велат, изградбата на станови за бегалци, кои државата планира да ги прими на своја територија.

    Во транзитните центри во Гевгелија и Табановце живеат 40 мигранти, а 15 бегалци бараат азил во Македонија. Од министерството за труд и социјална политика за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека токму овие податоци покажуваат дека земјава е само транзитна зона на бегалците, па поради тоа нема никаква потреба од градење станови за нив.

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека дека токму ваквите бројки се доказ дека во Македонија нема потреба од градење на станови за бегалци.

    „Нема никакви станови, тоа е лага. Од ЗЕЛС сме побарале само став за стратегија, а не и за станови. Тоа е лага и спин на ВМРО-ДПМНЕ. Нека покажат барање од министерството за труд и социјална политика за градење станови. Нема такво нешто. Ние бараме локации за градинки“, додава Царовска.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира