ВО КУМАНОВО СЕ УКИНУВААТ ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛИНИИТЕ НА ГРАДСКИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ОТИ ПРАВАТ ЗАГУБИ

    ВО КУМАНОВО СЕ УКИНУВААТ ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛИНИИТЕ НА ГРАДСКИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ОТИ ПРАВАТ ЗАГУБИОд утре автобусите во Куманово ќе превезуваат патници од понеделник до сабота само во период од 5 до 7.30 часот и од 14 до 16 часот. (архивска фотографија)

    Во Куманово од утре се укинуваат поголем дел од линиите на градскиот јавен превоз, поради тоа што превозниците се соочуваат со големи финансиски проблеми и не се во можност да ги одржуваат линиите. Ќе останат само автобусите на линиите во утринските и пладневните часови кога вработените одат и се враќаат од работа. Приватните автотранспортни претпријатија, „Оли-травел“, „Штуз“ и „Јоцо-турс“, кои го спроведуваат општинскиот линиски превоз на патници во Куманово, тврдат дека со месеци работата со загуби и се на работ на банкрот, бидејќи нивната дејност е најпогодена од коронакризата, а дополнителен проблем е нелојалната конкуренција, којашто никој не ја санкционира.

    „Поради заштита и превенција од КОВИД-19 и намалениот број на патници заради годишните одмори, а пaралелно на тоа и присуство на уште поголем број на нелегални-диви такси превозници, финансиски не сме во можност да опстанеме со трошоците што се потребни за целосно одржување на општинските линии. За таа цел им се извинуваме и ги известуваме граѓаните на Општина Куманово, дека од 4.8.2020 година нема да се одржуваат линиите и тоа во временски интервал од 8 до 13 часот и од 16.30 до 22 часот, така што ќе биде опфатен само периодот кога им е најпотребен на граѓаните. Нашата фирма веќе неколку месеци се справува со огромни финансиски загуби поради целокупниот сплет на околностите и колку и да сакаме верувајте невозможно е да се работи во вакви сложени и непрофитабилни услови“, вели Оливер Стефановски, директор на „Оли-травел“.

    Од утре автобусите ќе превезуваат патници од понеделник до сабота само во период од 5 до 7.30 часот и од 14 до 16 часот. Стариот режим на јавен градски превоз ќе се врати со почеток на новата учебна година доколку се подобри финансиската состојба во фирмите.

    Од компаниите се надеваат дека граѓаните ќе имаат разбирање за моменталната состојба во која се наоѓаат поради коронакризата, а очекува дека и државата и локалната самоуправа ќе преземат мерки за помош на нивната дејност и надминување на проблемот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира