ВО МАРТ ЌЕ СЕ ОБЈАВИ НОВ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИИ НА АВИОКОМПАНИИ, КОМИСИЈАТА ЌЕ ПОМАГА ДА СЕ СПРЕМИ ДОКУМЕНТАЦИЈАТА ЗА ПАК ДА НЕ ПРОПАДНЕ

    ВО МАРТ ЌЕ СЕ ОБЈАВИ НОВ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИИ НА АВИОКОМПАНИИ, КОМИСИЈАТА ЌЕ ПОМАГА ДА СЕ СПРЕМИ ДОКУМЕНТАЦИЈАТА ЗА ПАК ДА НЕ ПРОПАДНЕНа првиот повик кој пропадна понуди доставија авиокомпаниите „Луфтханза“, „Виз ер“ и „Ејџиан ерлајнс“. (Фото: СДК.МК)

    На почетокот на март, ќе биде распишан новиот јавен повик за субвенционирање нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол и Павле“ во Охрид откако претходниот не успеа. Тендерот беше поништен оти ниту една од пријавените авиокомпании не доставила целосна документација како што се барало. На тендерот понуди доставија авиокомпаниите „Луфтханза“, „Виз ер“ и „Ејџиан ерлајнс“.

    Министерот за транспотр и врски Благој Бочварски денеска во Охрид кажа дека во моментов течат роковите за жалба, по што ќе следи новата постапка со која авиокомпаниите ќе можат да аплицираат и да добијат помош од државата за отворање нови линии од двата аеродрома.

    „Очекувам кон почетокот на март да го распишеме новиот повик. Комисијата која работи на подготвување на оваа постапка за јавен повик ќе работи активно во тоа да помогне на сите заинтересирани компании да имаат комплетна и целосна документација со цел овој повик да биде успешен. Јас сум убеден дека ова е добра политика којашто ќе даде добри резултати за авиосообраќајот и отворање на нови дестинации за граѓаните“, кажа Бочварски на потпишувањето на спогодбата со Србија, Словенија и Црна Гора за заеднички потраги при пад на  авион.

    Бочварски рече дека остануваат истите услови како и во претходната постапка. Согласно уредбата повикот е со вредност од 5 милиони евра за наредните три години.

    „Нема да се држиме за избор на една компанија, туку секако нашиот интерес е да влезат повеќе компании во авиосообраќајот“, рече Бочварски.

    Се предвидува да се доделува финансиска поддршка од седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и од 4,5 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

    „Тоа е усогласено со Европската комисија и во однос на интензитетот на субвенционирање ние овде го почитуваме ставот на Европската комисија, бидејќи сме земја која започна преговори со ЕУ и во овој дел секако дека сме во согласност и во сите европски регулативи“, изјави Бочварски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира