Општина Охрид ќе организира дочек на Нова година со настан на домашни пејачи. На прославата на Плоштадот ќе настапат „Ле-трик“, „Бекдор-Бенд“, „Камелеон“, „Урбан планет“, Ѓоко Танески и Татијана Стефаноска. Како што најавија од Општина Охрид специјален музички гостин на вечерта ќе биде Верица Ристеска, а перформанс ќе имаат диџеите „Фејс“ и „Гец“ заедно со Јана Слеј.
„Ние не смееме да си дозволиме да имаме неукрасен град. Охрид ќе биде украсен, ќе изгледа добро, ќе има скромен настан на градскиот плоштад со изведувачи од нашиот град“, вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Од Општината додаваат дека ќе има музичка забава на Градскиот плоштад и на 1 јануари, во периодот од 13 до 15 часот, кога ќе настапат познати музички имиња од Охрид со репертоар од охридски композиции.
Во Струга нема да има прослава за Нова година. Струшките градски власти ваквата одлука ја правдаат со штедењето пари поради енергетската криза, а парите ќе се пренаменат за потребите на јавните претпријатија. Единствено ќе има забава за деца и прошетка на Дедо Мраз низ градот.
„Декорацијата на градот ќе се изврши во централното градско подрачје, скромно и ќе биде изведено од јавното комунално претпријатие – Струга. Ваквата одлука е донесена со оглед на кризната состојба во енергетскиот сектор“, велат од Општина Струга.
Туристичките работници сметаат дека организацијата на новогодишен настан на отворено привлекува туристи.
Годинава ќе изостане и дочекот на Новата година во повеќето хотели поради постоечките протоколи за заштита од коронавирусот со кои се дозволува капацитетот на објектите да биде со исполнетост од максимум 50отсто.
С. ВРЕНЦОВСКА