ВО ПЕЛАГОНИЈА СЕАТ НА ВЕРЕСИЈА ОТИ НЕМА СУБВЕНЦИИ

    ВО ПЕЛАГОНИЈА СЕАТ НА ВЕРЕСИЈА ОТИ НЕМА СУБВЕНЦИИНекои земјоделци се откажаа од пролетната сеидба зашто немаат пари, а други ќе сејат со позајмици (Фото: СДК.МК)

    На вересија ја започнаа пролетната сеидба земјоделците во најголемата житница во земјава, Пелагонија. Поради неисплатените субвенции за минатата година, тие позајмуваат пари или се пишат на вересија во продавниците за семенски материјали, ѓубрива, нафта за да можат да ја засеат почвата.

    „Некои земјоделци се откажаа од пролетната сеидба зашто немаат пари, а другите ќе сееме со позајмици. Сеидбата календарски започна на први април, а субвенции сѐ уште нема и не знаеме кога ќе дадат. Некои пак засејаа, а доцни прихраната. Не разбираме како е можно само земјоделците да бидеме казнети зашто не била формирана Влада, а да има пари на пример за администрацијата“, вели Тоде Лазаревски, земјоделец од пелагониското село Ивањевци.

    И од подрачното одделение на Министерството за земјоделство во Битола поврдија дека земјоделците се задолжуваат за да можат да ги засеат нивите со пролетни култури.

    „Субвенциите секогаш се добредојдени. Камо да дојдат ќе се исплатат веднаш, зашто сум сигурен дека земјоделците сега се задолжуваат во откупните центри каде што треба да се плати семето,  нафтата, производството. Кога ќе стигнат субвенциите ќе си ги платат обврските.  Ако не беа коминтентите што ги услужуваат земјодеците со набавка на ѓубриво, семе, пестициди, хербициди, средства, мислам дека земјоделците не ќе можеа да посеат ни хектар површина“, вели Илија Србиновски, подрачен началник за земјоделство.

    Според сеидбениот план, во битолскиот дел на Пелагонија пролетва ќе бидат засеани 21.000 хектари  со сончогледот, пченката, фуражната пченка, градинарски култури и друго. Меѓутоа, проблем се есенските посеви со житни култури кои не се во добра кондиција, па на лето се очекуваат и намалени приноси на житото.

    „Тие се во мал развој зашто нема дожд. Стручно кажано, од фаза на никнење, братење, вретенење и класење , пречниците  се во некоја фаза на вретенење, значи сѐ уште не се дојдени до класење“, рече Србиновски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира