Во пет охридски села водата од чешмите не е за пиење, соопштија од Центарот за јавно здравје во Охрид.
При извршената редовна контрола на квалитетот на водата за пиење во дел од селските водоводи во општина Охрид која е извршена вчера од страна на Центар за јавно здравје Охрид констатирано е дека во селата Свиништа, Завој, Куратица, Опеница и Косел водата за пиење од системот за водоснабдување е без дезинфекционо средство и со матност поголема од законски пропишаната вредност. Според тоа водата за пиење системот за водоснабдување од горенаведените села не е здравствено безбедна за пиење, соопштија од Центарот за јавно здравје во Охрид
„Апелираме до жителите во овие села да избегнуваат користење на ваквата вода за пиење, а до надлежните кои стопанисуваат со водоводите да преземат соодветни мерки за надминување на проблемот и обезбедат здравствено безбедна вода за пиење. Центар за јавно здравје Охрид редовно ќе ја следи состојбата и навремено ќе информира за квалитетот на водата за пиење во горенаведените села“., изјави директорот на оваа установа Сашо Точко.
Резултатите од анализата се испратени и до инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство во Охрид за натамошно постапување.