Изгоре појас со трска кај село Асамати крај Преспанското Езеро, според првичните слободни проценки во должина од еден километар. Детални проценки за штетите предизвикани од вчерашниот пожар, како што велат од Општина Ресен, ќе се прават деновиве откако ќе дозволат временските услови зашто сега врне снег. За точно да се утврдат изгорените површини, теренот ќе биде снимен и со дрон. Пожарот, за среќа, не го зафати заштитеното подрачје од Паркот на природа Езерани, каде во изминатите денови имало пожар, но брзо бил локализиран.
„Овој пат гореше предел после Детското одморалиште во Асамати. Гореше трска, трева и висока вегетација, поточно врби со кои беше обраснат теренот. Синоќа Противпожарната единица остана на терен до 23 часот и пожарот беша локализиран. Вчеравечер беше одржан и итен состанок на Општинскиот координативен штаб и беа преземени мерки за превентивно делување на терен, а со цел спречување на евентуална појава на нови пожари“, велат од Општина Ресен.
Жителите во Асамати се сомневаат дека пожарот бил подметнат, зашто во тој дел нема ниви за да се палат стрништа, а температурата вчера не била толку висока за да предизвика пожар.
Покрај Асамати, имаше пожар и кај месноата Макази во близина на регионалниот пат Битола-Ресен. Општината апелира да не се пали оган на отворен простор, казните се 6.000 до 8.000 евра за правни лица и од 1.500 до 3.000 евра за физички лица, а освен казната, сторителот ќе треба да ја надомести и штетата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА