ВО ПРЕТОР ПЛАЌААТ СТРУЈА ЦЕЛА ГОДИНА, А НЕМА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ СРЕДЕ ЛЕТНА СЕЗОНА

    ВО ПРЕТОР ПЛАЌААТ СТРУЈА ЦЕЛА ГОДИНА, А НЕМА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ СРЕДЕ ЛЕТНА СЕЗОНАГолем дел од светилките по главната улица што туристите ја користат како шеталиште со години не се заеменети, а улиците кои водат до вилите и одморалиштата се во темница, па мора патот да си го осветлуваат со мобилните телефони (Фото: СДК.МК)

    Среде летна сезона, поголемиот дел од туристичката населба Претор крај Преспанското Езеро навечер тоне во мрак. Веќе со денови не работи уличното осветлување, освен на почетокот на населбата каде се неколкуте ресторани и продавницата. Улиците кои водат до вилите и одморалиштата се во темница, па мора патот да си го осветлуваат со мобилните телефони или со себе да носат батериска рачна светилка сакаат вечерна прошека.

    „Ова ви е туризам на македонски начин. Плаќате сметка за струја редовно иако овде не престојуваме во останатите делови од годината. Сепак плаќаме, а преку неа и улично осветлување, а еве црна темница по улица“, велат туристи од Феријалното одморалиште.

    Летувалците во Претор велат дека уличното осветлување не работи поради пресечен кабел. Се шпекулира дека го пресекле рибари за да можат преку ноќ да ловат риба без да бидат видени. Но, факт е дека голем дел од светилките по главната улица што туристите ја користат како шеталиште со години не се заеменети.

    Електрични столбови се поставени на новата пешачко-велосипедска патека од Претор до Сливница и Крани во долнина од 4,5 километри, но струја уште нема.

    Од Општина Ресен побаравме одговор зошто во поголемиот дел на Претор нема улично осветлување. Ни беше кажано дека нашите прашања се препратени до службите од каде се очекува да бидат одговорени. Но, не добивме одговор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира