Прилеп има три пати повеќе активни случаи со ковид-19 отколку Битола. Во двата најголеми градови во југозападниот дел од државата, на оддалеченост од само 40 километри, состојбата со коронавирусот е различна. Така, во Битола со оваа болест уште се борат 37 лица, а во Прилеп 121.
Денес новозаболени битолчани има четворица, а прилепчани 15. Од почетокот на пандемијата до денес, во Битола двојно помалку се заразиле со ковид-19 од соседниот град, поточно 207 наспроти 478.
На прашањето дали е загрижен за зголемената бројка на заразени во Прилеп, министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека многу е битно да се направи увид во епидемиолошките анкети, за да се види што точно станува збор, оти има многу мини кластери во рамки на еден град, но бројката сама по себе не значи ништо оти не дава доволни податоци во однос на начинот за пренос.
Прилеп имаше и скоро пет пати повеќе смртни случаи од коронавирус отколку Битола. Таму починаа 29 заболени, а во Битола шест. Прилеп има двојно повеќе оздравени лица отколку Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА