Спортскиот центар „Јордан Мијалков“ во Штип комплетно е адаптиран и целосно е подготвен за вакцинирање на граѓаните од Источна Македонија и Струмичкиот Регион, како што е утврдено со планот на Министерството за здравство. Вработените во Спортскиот центар и медицинските работници за неполни десет дена комплетно ја адаптираа спортската сала за вакцинирање. Направена е динамика и на здравствените работоници кои ќе работат во Центарот.
„Ќе бидат ангажирани над 100 стручни луѓе од кои 22 лекари, 50 медицински сестри, волонтери на Црвениот крст и студенти од Медицинскиот факултет во Штип“, вели координаторот на Центарот за вакцинирање д-р Дијана Миланова-Коцева.
Овој центар може да опслужува од 300-400 илјади граѓани од двата региона. Центарот има можности за вакцинирање на 1.500-2.000 лица во еден ден. За таа цел инсталирани се 22 кабини за вакцинирање и повеќе од 50 столчиња за набљудување на вакцинираните.
Денеска започна инсталирањето и на компјутерската опрема која ќе води евиденција на вакцинираните, кои веднаш по имунизацијата ќе добијат сертификат дека ја примиле првата вакцина и датум за примање на втората доза.
Координаторите на Регионалниот центар за вакцинирање не можат да кажат какви вакцини ќе добијат и кога ќе започне вакцинирањето. Ним им било најавено дека тоа ќе се случи по Велигденските празници, веднаш по добивањето на вакцините од ЕУ и од Кина.
Имунизацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“, „спутник“ и со „Синофарм“ во здравствените домови низ земјава и во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера кажа дека е стигната втората пратка на „спутник“ од Србија која ќе се користи за ревакцина, дека стигнале и 10 илјади вакцини на „Фајзер“ и дека го добиле планот како ќе стигаат секој понеделник по 4-7.000 од овие вакцини, со што вкупно ќе стигнат 26.000.
Кинеските вакцини, 200.000 на број, на 28 април ќе се товарат во Пекинг, на 30 април ќе стигнат во Белград преку Истанбул, и после со специјален ланец на камиони ќе стигнат во скопската поликлиника „Јане Сандански“.
Според последните информации од сајот за вакцинација, вкупно 203.037 граѓани се пријавиле за вакцинирање. Една третина од овој број отпаѓа на граѓаните од Источна Македонија и Струмичкиот Регион. Досега, на ниво на цела држава вакцина примиле 53.193 граѓани.
Т. ЈОВАНОВСКИ