За 15 дена, бројот на зболени од коронавирус во Ресен се искачи на 87, од кои само во денешниот ден има 12 нови случаи со ковид-19 и едно починато лице. Кај 85 од заболените болеста е во тек. Откако во Леарницата за алуминиум и цинк во Ресен денес има и еден новозаболен од вработените, утре ќе се прави скрининг на сите 30 вработени. Во оваа општина над 300 лица се ставени под здравствен надзор, како контакти на позитивните лица со место на живеење во Ресен.
„Новодијагностицираните случаи во Ресен потекнуваат од семејни настани на кои не се почитувале превентивните мерки, луѓето не носеле маски, нити го почитувале правилото за неопходна дистанца од метар и пол до два на која вирусот има многу мал ризик да се пренесе. Општина Ресен добро изреагира, зашто во соработка со компаниите погоните се затворија во период од 2 недели и се намали интензитетот на контакти. Овој број на заболени кои сега го имаме не е неочекуван, но е значајно помал од она што можеше да се случи ако немаше затварање на погоните“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски изјави дека во консултации со Центарот за јавно здравје, дале препораки до фабричките капацитети да го одложат отпочнувањето со работа за уште пет дена. Дел се согласни, но дел ги известиле дека поради роковите за испорака ќе мора да почнат, но со редукција на вработените и со примена на мерки за заштита.
Гошаревски вели дека и новозаболените се всушност лица кои биле под надзор откако во нивните семејства веќе имало позитивни случаи. Пациентите од Ресен кои се хоспитализирани во Битолската болница се пред сѐ лица со хронични проблеми.
Општината од Дирекцијата за заштита и спасување добила 60 пакети со хигиенски средства за социјално загрозени лица и оние кои се во изолација. Воедно лекови и храна им се доставува редовно на лицата кои се болни, а се во домашни услови и оние кои се во изолација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА