ВО ШТИП ЌЕ СЕ ГРАДИ ЕКО-ПАРК НА ПОВРШИНА ОД 70.000 МЕТРИ КВАДРАТНИ

    ВО ШТИП ЌЕ СЕ ГРАДИ ЕКО-ПАРК НА ПОВРШИНА ОД 70.000 МЕТРИ КВАДРАТНИКомпјутерска макета за новиот еко парк кој треба да се гради во месноста Штипско Езеро.

    Општина Штип најави дека до крајот на годината ќе го изгради еко-паркот „Парк на иднината“. Паркот ќе се простира на слободната површина од над 70.000 метри квадратни во месноста Штипско Езеро, во близина се старите бунари од водоснабдителниот систем меѓу населбите 8 Ноември и Баби, кои по прифаќањето на водата од Хидросистемот „Злетовица“ сега се само резервна варијанта за филтер-станицата.

    „Еко-паркот ќе се гради веднаш до пешачката и велосипедската патека која во должина од 7-8 километри се протега покрај реката Брегалница. Ќе се формира и мало езерце на 6.000 метри квадратни. Се очекува Советот на Општина Штип да донесе одлука и за издвојување средства за новиот парк“, рече на промоцијата на новиот проект градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

    Според Јорданов, „Паркот на иднината“ ќе биде еден вид завршница на проектот за пешачка и велосипедска патека покрај реката Брегалница од Штипско Ново Село до населбата Балканска, со идеја патеката во иднина да продолжи до приградската населба Стар Караорман во вкупна должина од 10 килпометри.

    Иницијатор и творец на овој проект на патеки и разни спортски и рекреативни содржини покрај реката Брегалница е поранешниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев, кој ја започна реализацијата на проектот уште пред десет години.  Захариев го започна и речиси до крај го реализира и проектот за уредување коритото на реката Отиња во Штип.

    На почетокот на мандатот, градоначалникот Јорданов го реализира проекот веднаш до пешачката патека покрај реката Брегалница да има и велосипедска патека. Патеките по целата нивна должина се осветлени, поставени се стотина клупи, а во меѓувреме на неколку места се изградени рекреативни катчиња со справи за вежбање.

    Сепак, некои од канделабрите и дел од клупите ги кршат несовесни граѓани, по што Општината поставува нови. Како превентивна мерка против ваков вид вандализам се предвидува на места да бидат поставени камери.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира