Во центарот на Скопје фалат над 10.000 паркинг места, вели директорот на ЈП „Градски паркинг“ Борче Јакимовски. Низ Скопје коли се паркираат кој каде стигне. На булевари, плоштади, Кеј 13 Ноември, пешачки патеки и зеленило. За да се задоволи потребниот број паркинг места, според анализите на градското јавно претпријатие потребно е да се изградат 4 монтажни катни гаражи.
„Изградба на една монтажна катна гаража на 4 ката чини околу 1 милион евра. Со Град Скопје правиме анализи каде да се изградат, бидејќи ние како претпријатие немаме толку средства сами да инвестираме. Од досегашните анализи, во монтажен паркинг треба да се претвори паркингот кај „Дом на печат“, кај полициската станица „Пролет“, кај Зоолошката градина и кај болницата „8 Септември“, вели Јакимовски.
Од претпријатието велат дека тие секојдневно казнуваат за несовесно паркирање, но граѓаните пак паркираат кај стигнат. Дневно со пајак возилата се подигнуваат по 40 автомобили, а со блокатори се казнуваат околу 60 граѓани.
„Околу 2.500 возила подигнати со пајак месечно или 30.000 годишно не е мала бројка. Голем проблем во центарот на градот имаме и со гаражите кои станарите не ги користат за паркирање. Околу 2.000 такви паркинг места стојат празни, граѓаните не сакаат да ги користат и бараат од нас да им дадеме налепница за бесплатно паркирање како жители на Центар“, додава Јакимовски.
А. АНТЕВСКА