Во Струмица почнаа да се поставуваат пластикомати каде ќе може да се депонираат пластични шишиња, а за возврат ќе се добиваат пари преку посебна апликација. Ќе бидат монтирани вкупно 6 пластикомати на локации каде има поголема фрекфенција на граѓани каде ќе можат да одлагаат пластични шишиња.
Првиот е поставен во Трговскиот центар со градски пазар „Глобал“, а вториот во холот на СОУ „Јане Сандански“. Како што соопшти градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, во градот за три пластикомати Општината распиша јавна набавка што ја доби фирмата Пакомак, која ќе постави дополнителни три во струмички маркети каде е детектирана поголема раздвиженост.
„Станува збор за урбана опрема која има софтверско решение при што граѓаните кои ќе депонираат пластично шише кое се рециклира преку соодветна апликација ќе добива половина денар за секое депонирано шише. На тој начин ќе се овозможи намалување на пластиката во комуналниот отпад на локации каде има поголема фреквенција, а од друга страна, ќе се подигне и свеста за намалување на пластичниот отпад кој има употреблива вредност“, изјави градоначалникот Костадинов.
Трите пластикомати што ги набави Општината чинат 830 илјади денари. Во следниот период во Струмица треба да бидат монтирани и 20 полуподземни контејнери со зафатнина од пет кубика за мокра фракција, а ќе бидат поставени на локации во централното градско подрачје во непосредна близина на колективни станбени објекти и угостителски капацитети.
Вкупната вредност на полуподземните контејнери изнесува 9,7 милиони денари и нивното поставување ќе почне наредниот месец за што се утврдува дали на локациите има поставено подземна водоводна, канализациона и електрична инсталација.
В. ТРАЈКОВ