ВО СТРУМИЦА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ НОВ ПАЗАР НА ПОВРШИНА ОД 4 ХЕКТАРИ, ЧИНИ 4,4 МИЛИОНИ ЕВРА, А ЌЕ СЕ ПЛАЌА 5 ГОДИНИ

    ВО СТРУМИЦА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ НОВ ПАЗАР НА ПОВРШИНА ОД 4 ХЕКТАРИ, ЧИНИ 4,4 МИЛИОНИ ЕВРА, А ЌЕ СЕ ПЛАЌА 5 ГОДИНИСпоред потпишаниот договор, пазарот треба да се изгради за рок од 24 месеци, а ќе се плаќа во наредните 5 години, сè до 2029 година. (Фото: СДК.МК)

    Во рок од две години Струмица треба да добие нов градски пазар кој ќе се протега на околу 43 илјади квадратни метри и ќе има 527 тезги и 250 паркинг места. Пазарот се наоѓа надвор од градот Струмица, во непосредна близина на поранешниот откупно-дистрибутивниот ценар Агрокор. Според градоначалникот Костадин Костадинов, ова ќе биде најголемиот пазар и ќе биде во интерес и на граѓаните на Струмица и земјоделците.

    „Знаеме дека Струмица и регионот е земјоделски и ова е многу важно за производителите на зеленчук и градинарски производи. Новиот пазар ќе биде на површина од 43 илјади квадратни метри од кои 8 илјади ќе бидат затворен простор. Самиот габарит и површината укажува дека ќе биде еден од најголемите во земјава заради што изминатиов период изградивме булевар кон овој дел на градот. Во наредниот период ќе го дислоцираме пазарот ‘Чешел’, каде што ќе се гради боемски парк“, кажа Костадинов.

    Новиот градски пазар во Струмица ќе го гради фирмата „Џови Компани“ од Мокрино. Тие ја добија јавната набавка во вредност од 272.535.000 денари или околу 4,4 милиони евра, со вклучен ДДВ. Според потпишаниот договор, пазарот треба да се изгради за рок од 24 месеци, а ќе се плаќа во наредните 5 години, сè до 2029 година.

    Пред изборот на изведувачот на градежните работи, во мај годинава беше избрана и фирмата која ќе го врши надзорот на првата фаза на изградбата на градскиот пазар. Тоа е фирмата „Евро Консалтинг“ од Скопје која во конкуренција на 7 компании го доби тендерот за 4,8 милиони денари или за 78 илјади евра, со вклучен ДДВ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира