ВО СВЕТОТ ВОДАТ КОМПАНИИ И СЕ ПРОДУКТИВНИ, А КАЈ НАС НЕМА ЕВИДЕНЦИЈА ДАЛИ РАБОТАТ, ОБЈАВЕН ПРИРАЧНИК ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ЛИЦА СО АУТИЗАМ

    ВО СВЕТОТ ВОДАТ КОМПАНИИ И СЕ ПРОДУКТИВНИ, А КАЈ НАС НЕМА ЕВИДЕНЦИЈА ДАЛИ РАБОТАТ, ОБЈАВЕН ПРИРАЧНИК ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ЛИЦА СО АУТИЗАМСо цел да се охрабрат работодавачите да им дадат шанса, објавен е Прирачник за вработување на лица со аутизам во рамки на Еразмус плус проектот во партнерство помеѓу Шпанија, Словенија, Полска и Македонија. (фото: СДК.МК)

    Во Македонија нема официјален регистар на лица со аутизам, а камоли евиденција колку од нив се вработени. Додека во светот компаниите се прилагодуваат да им овозможат соодветни работни услови, а некаде водат и семејни бизниси, во државата сѐ уште нема свесност за нивно вработување.

    Со цел да се охрабрат работодавачите да им дадат шанса, објавен е Прирачник за вработување на лица со аутизам во рамки на Еразмус плус проектот „Labor Inclusion for People with Autism“ (LIPS), во партнерство помеѓу Шпанија, Словенија, Полска и Македонија.

    „Целта е поддршка на работодавачите при вработување лица со аутизам, од подготовка на средина за интервју, соодветни прашања, стил на говор при интервјуто до поддршка на работното место. Прирачникот содржи објаснување на поимот невродиверзитет и основни карактеристики на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам (НСА). Презентирани се силните страни и потенцијали и зошто компанијата би била во предност доколку вработи лица со аутизам. Како да се создаде култура на работното место погодна за аутизам, како да тече процесот на аплицирање за работа, карактеристики на вработувањето во различни средини, како да се комуницира и како да се направат разумни прилагодувања на работното место“, вели доц. д-р Јасмина Трошанска, претседателка на Здружението „Сина светулка“, која беше дел од проектниот тим што го изработи прирачникот.

    Координаторот на проектот од Шпанија, фирмата „Лаго Беку“, е семејна компанија во која косопственикот и неговите деца се со аутизам. Од „Сина светулка“ велат дека идејата е да ги донесат новините од странство и со тоа да дадат придонес во подобрувањето на условите за вработување на лицата со аутизам во Македонија. Проектот доби награда во конкуренција на 3.500 компании во Валенсија.

    Како проблем кај нас се јавува и тоа што нема соодветно стручно образование за овие лица.

    „Редовните училишта немаат капацитет за работно оспособување на овие младинци. Ние имавме можност во Велика Британија да присуствуваме на часовите за работно оспособување во средно училиште, во кое практично, според способностите, желбите и потенцијалот се вршеше обука на млади лица со аутизам. Доколку се изврши соодветна обука, тие можат да бидат најпосветените и најпродуктивни вработени во компанијата“, додава Трошанска.

    Високофункционалните лица со аутизам најчесто се успешни во веб дизајн, графички дизајн, работа со податоци, сметководство. Постојат многу успешни доктори и научници кои се многу посветени на својата работа. Нискофункционалните во странство работат во ресторани, продавници, сендвичари, спа центри, маркетинг агенции, во градина за одгледување на цвеќиња, домови за стари лица и перални на коли.

    „Во нашата држава високофункционалните лица со аутизам често работат во компјутерската индустрија и добро заработуваат, но проблемот е со пониско функционалните, кои најчесто остануваат невработени и се издржувани од семејствата“, вели Трошанска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира