На улица Прашка и во населбата Тафталиџе во Скопје сега не се живее од новите згради кои се изградија изминативе години, а вие цртате уште висококатници, рекоа жителите од населбата на денешната презентација на Деталниот урбанистички план (ДУП) за празниот простор на некогашната фабрика „Алумина“.
Според предлог-планот З06 блок 11, на просторот на „Алумина“ се дозволува изградба на 35-катници односно на згради со максимална висина од приземје плус 34 ката и нови 1.520 жители. Земјиштето на „Алумина“ во 2020 година го купи “Пуцко петрол“ од израелската фирма „Газит глоуб“ и компанијата сега ќе биде градител на новите згради со намена домување и комерцијално-деловен простор.
„Сте прошетале ли по улица Прашка за да видите на што личи пред да ги цртате овие нови згради? Од оние што се изградија до ‘Алумина‘ сега населбата е уништена, нема кај да се помине, коли стојат паркирани насекаде. Јас имам 75 години и секој ден се расправам за колите кои ми стојат пред врата и не можат да излезам од мојата куќа. Некој ден ќе бидам и натепан, оти постојано се расправам со новите станари. Знаете ли дека нема каде да се постават канти за ѓубре? Дојдоа од кај вас од Општина да постават, ама не можеа оти цела Прашка е блокирана“, кажа на јавната презентација која се одржа денеска во Општина Карпош староседелец на улицата Прашка.
Граѓаните кои беа на презентацијата исто така прашуваа како овие нови 1.500 жители и над 2.000 автомобили ќе влезат во зградите и каде ќе се паркираат. Рекоа дека со зградите во „Алумина“ ќе се случи „Настел“, но со три пати поголеми димензии и во овој дел веќе ќе нема хумано живеење.
„Џабе велите дека инвеститорот мора да има 1.800 паркинг места, кога знаеме дека никој не купува паркинзи. Сега не се живее на Прашка, немаме сонце од постојниве згради кои велите се на 8 ката. Па можете ли да замислите што ќе ни се случи кога ќе се изградат блокови од 35-катници. Немаме веќе ни вода, оваа населба не е планирана со инфраструктура за вакви згради“, рекоа револтирано жителите на населбата кои се први соседи на новити згради, а немаат право да поднесат анкетни листови.
На нивните прашања никој не одговараше. Планерот Стефан Лазаревски од проектанската куќа „Тајфа архитекти“ велеше дека тој не може да им одговори на прашањата, бидејќи негова задача е да го нацрта планот според параметрите од Генералниот урбанистички план (ГУП). Претставниците од Секторот за урбанизам и од Кабинетот на градоначалникот Стевчо Јакимовски, пак, беа присутни во салата само додека проектантот го презентираше планот. Кога почнаа прашањата од граѓаните излегоа од салата, па немаше кој да даде одговор.
Проектантот Лазаревски рече дека на овој простор се предвидувале згради и со претходни планови и тоа го предвидува ГУП-от. Во ГУП-от за овој простор има намени само станбени и деловни објекти, а нема ниту еден квадрат зеленило и ниту еден јавен објект како градинка, школо, здравствена установа.
„Но и покрај тоа, ние со разработка на Деталниот план предвидуваме зеленило односно се почитува законскиот минимум да има 20 отсто зеленило. Во делот кај деловните објекти може да има и компатабилна намена градина. Како и што ќе се гради на овој простор односно колку згради ќе има, ќе треба да покаже архитектонско-урбанистичкиот проект кој треба до Општината да го поднесе инвеститорот. Но, ние во насоките дадовме органичувања кои гарантираат зеленило, подземен паркинг за 1.800 возила и потребната светлина за околните објекти“, рече Лазаревски.
А. АНТЕВСКА