ВО ТЕТОВО НЕКОЛКУ ВЕЧЕРИ СЕ ЧУВСТВУВА НЕПРИЈАТЕН МИРИС, ГРАЃАНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ДОАЃА ОД ГОРЕЊЕ ПЛАСТИЧНИ МАТЕРИИ

    ВО ТЕТОВО НЕКОЛКУ ВЕЧЕРИ СЕ ЧУВСТВУВА НЕПРИЈАТЕН МИРИС, ГРАЃАНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ДОАЃА ОД ГОРЕЊЕ ПЛАСТИЧНИ МАТЕРИИНадлежните немаат одговор од каде доаѓа миризбата (Фото: СДК.МК)

    Непријатен мирис на запалена пластика се чувствува во вечерните часови во Тетово, најмногу во периферните реони, но доаѓа и до центарот и подалеку. За ова алармираат бројни граѓани, кои бараат одговор кој и зошто пали пластични материи и така дополнително го загадува воздухот во градот.

    „Живеам кај стадионот и секоја вечер се чувствува мирис на запалена пластика. Според мое искуство, тоа е поради горење и топење на гранулати од нафта, со кои се создава пластиката и затоа се шири таа непријатна миризба. Се случува редовно веќе неколку дена“, вели Миќо Стојчевски, жител на Тетово.

    За непријатната миризба тетовци масовно споделуваат информации на социјалните мрежи. Од Територијалната противпожарна единица Тетово велат дека досега имале само една интервенција кога гаселе запалена пластика, и тоа во вторникот околу 15:20 часот.

    „Интервенираме на потегот од Тетово кон село Требош на една локација. Таму и во минатото неколкупати сме интервенирале на запалена пластика. Сите случаи сме ги пријавувале и во инспекција“, вели Авни Амети, командирот на ТППЕ Тетово.

    Повици за интервенција за запалена пластика во вечерните часови досега немале.

    Специјалистот по здравствена екологија и хигиена Ратко Давидовски од тетовскиот Центар за јавно здравје вели дека и кај нив граѓаните барале одговор.

    „Непријатна миризба има, во што и самиот сум се уверил, но немаме информации и начин да ги утврдиме причините. Присуството на непријатната миризба не е континуирано, претставува краток бран, односно облак од мирис кој трае неколку часа и исчезнува. Мора да се преземат мерки, бидејќи самата миризба е загрозување на социјалната благосостојба“, вели д-р Давидовски.

    Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух за Тетово не покажува зголемено присуство на ПМ10 и ПМ 2,5 честички или други материи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира