Државиот пазарен инспекторат (ДПИ) денеска направи увид во неколку продажни објекти во Тетово и изврши увид како се спроведува одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните продукти поради коронавирусот. Контрола е направена во неколку поголеми супермаркети, како и кај помалите продавници за прехранбени производи.
„Од извршениот увид видовме дека нема злоупотреба на цените на основните продукти. Можно е кај некои продукти кои потешко можат да се најдат да има покачување на цените согласно пазарната економија, но кај цените на продуктите кои се гарантирани со одлуката на Владата не забележавме дека има злоупотреба“, изјави министерот без ресор Хисен Џемаили.
Што се однесува до сѐ поголемиот недостаток од заштитни маски, Џемаили вели дека засега за нив не може да има заштитна цена бидејќи тие не се произведуваат кај нас.
„Во нашата држава не се произведуваат заштитни маски, но веќе е стапено во контакт со некои компании кои можат да шијат вакви маски. Во оној момент кога заштитните маски ќе почнат да се произведуваат во државата, тогаш ќе можеме и за нив да дадеме гарантирана цена“, рече Џемаили.
Од тетовското одделение на ДПИ велат дека и досега тие постојано биле не терен, а сега нивната активност уште повеќе е засилена.
„Контрола вршиме на маркетите, помалите дуќани, а ги конторлираме и угостителските објекти. Моментално сосотојбата не е лоша, одлуката се почитува речиси од сите, има и по некој кој сака да ја злоупотребува оваа ситуација но и тие сигурно ќе бидат проверени, а ако најдеме неправилности, сигурно ќе бидат казнети. Досега имаме добиено преставки од граѓаните, па сега треба да ги провериме дали навистина се работи за прекршување на одлуката, бидејќи може да има злоупотреба и од граѓаните кои пријавуваат. За разлика од порано, сега имаме многу повеќе пријави од граѓаните. Што се однесува до угостителските објекти, и тука одлуката се почитува, со исклучок на многу мал број селски кафетерии кои сакаат да работат со некакви други методи но тие сигурно ќе бидат затворени“, рече Лилберт Мемети раководител на тетовското одделение на ДПИ.
Исто така, беше најавено дека од денеска ќе се проработи еден кол-центар каде граѓаните на Тетово ќе може да ги пријвуваат сите злоупотреби на одлуката на Владата.
Денеска, со одлука на Кризниот штаб на Општина Тетово, иако е пазарен ден беше затворен Зелениот пазар во и неколку други помали пазари во градот. Тие продолжуваат да работат од утре.
З. АНДОНОВ