ВО ТЕТОВО ЦЕНАТА НА БОЗАТА НЕ СМЕЕЛА ДА БИДЕ ПОВИСОКА ОД ОТКУПНАТА ЦЕНА НА МЛЕКОТО

    ВО ТЕТОВО ЦЕНАТА НА БОЗАТА НЕ СМЕЕЛА ДА БИДЕ ПОВИСОКА ОД ОТКУПНАТА ЦЕНА НА МЛЕКОТО

    Еден новинарски текст, напишан пред точно 57 години и објавен во тогашниот весник „Вечер“ од перото на тетовскиот новинар Гојко Ефтоски, предизвика голем интерес кај тетовци на социјалните мрежи, кои почнаа да прават споредби како било некогаш, а како е сега.

    Во текстот се прави споредба колку тогаш чинел литар боза во споредба со цената на литар млеко во откуп, па може да се види дека со Уредба било одредено дека цената на бозата не смеела да биде повисока од цената на литар млеко во откуп. Тогаш, во Тетово трговското претпријатие „Прехрана“ дневно откупувало по 1.500 литри млеко, а освен ова и индивидуалните млекопроизводители од околните тетовски села низ градот разнесувале дополнителни околу 1.500 литри млеко. Цената млеко во откуп тогаш била одредена на тогашни 90 стари динари за литар.

    „Додека цената на млекото се движи во рамките на пропишаното, положбата со бозата не е таква. Во градот има околу 15 слаткарски дуќани и секој за себе си одредува висина на цената на бозата, па и на другите слаткарски производи. Додека со одлука на Општинското собрание цената на бозата фиксно е одредена и изнесува 100 стари денари, производителите бозата ја продаваат по 120 стари денари по литар“, пишува во текстот новинарот Ефтоски.

    Ваквото непочитување на одлуката на Собранието на општината ја активирало и инспекциската служба која излегла на терен, при што началникот на инспекциската служба на Собранието на Општина Тетово Боро Јосифовски констатирал дека слаткарите во Тетово станувале сè по самостојни во одредувањето на цената на бозата и другите слаткарски производи.

    „За оваа цел, како што не информира началникот Јосифовски, преземени се мерки и врачени се решенија за враќање на цената на бозата. Ова е сторено за слаткарниците „Београд“, „Реклама“, „Шар“, „Опатија“ и други и доколку не постапат по решението, ќе бидат преземени казнени мерки“, пишува Ефтоски во текстот посветен на цената на бозата во Тетово.

    Денес млекарниците од индивидуалните сточари млекото го откупуваат по цена од 35 до 40 денари, додека пак цената на бозата во тетовските слаткарници се движи од 70 до 80 денари за литар, односно двојно е поскапа од цената на млекото.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира