ВО ТЕТОВСКО ИМА 225 АКТИВНИ СЛУЧАИ НА КОРОНАВИРУС, НО КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР РАБОТИ БЕЗ ПРОБЛЕМИ, ВЕЛИ КРИЗНИОТ ШТАБ

    ВО ТЕТОВСКО ИМА 225 АКТИВНИ СЛУЧАИ НА КОРОНАВИРУС, НО КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР РАБОТИ БЕЗ ПРОБЛЕМИ, ВЕЛИ КРИЗНИОТ ШТАБКризниот штаб вели дека загрижува што луѓето на големо не ги почитуваат пропишаните мерки (Фото: СДК.МК)

    По пауза од речиси два и пол месеци, Кризниот штаб на Општина Тетово одржа седница на која беа изнесени последните податоци за состојбата со ковид-19. Оттаму соопштуваат дека во Тетово и во петте околни општини досега се дијагностицирани 1.607 лица со коронавирус. Оздравеле 1.220 лица, 93 починале, а бројот на активни случаи е 225.

    „Најмногу заболени има во Општина Тетово – 1.057, потоа во Општина Боговиње – 126, Општина Теарце – 137, Општина Брвеница – 91, Општина Јегуновце – 106 и Општина Желино со 86. Во основните училишта седум наставници имале позитивен тест на ковид-19, како и еден административен работник и три ученици. Во моментов, во Општина Тетово 3.500 ученици од прво до трето одделение ја следат наставата со физичко присуство и на сите им се поделени маски и средства за дезинфекција. Во градинките ‘Младост‘ во Тетово воспитно-образовниот процес го посетуваат околу 200 деца. До денес, двајца вработени биле позитивни на ковид-19, поради што група од седум деца е во домашна изолација. Во средните училишта каде што се одвива учење од далечина три наставници се позитивни на ковид-19“, соопштуваат од Кризниот штаб.

    Она што загрижува е големото непочитување на пропишаните мерки, па во изминатиот период полицијата имаше полни раце работа. СВР Тетово го информирал Кризниот штаб дека од почетокот на пандемијата се изречени над 7.000 казни за неносење заштитна маска.

    Кризниот штаб констатираше дека засега е добра состојбата со капацитетите во Клиничкиот центар.

    „Клиничкиот центар во Тетово оптимално ги опслужува пациентите и случаите на ковид-19 и нема никакви проблеми во однос на капацитетите и медицинскиот персонал. Апелираме до надлежните здравствени органи да го зголемат бројот на тестирања за ковид-19, кое се закажува преку матични лекари во Општина Тетово“, велат од Кризниот штаб.

    Во Клиничкиот центар во Тетово во овој момент на лекување се 12 пациенти со ковид-19.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира