ВО ЦЕНТАРОТ И НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИ ВО ВЕЛЕС ЃУБРЕТО ЌЕ СЕ СОБИРА ДВАПАТИ НА ДЕН

    ВО ЦЕНТАРОТ И НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИ ВО ВЕЛЕС ЃУБРЕТО ЌЕ СЕ СОБИРА ДВАПАТИ НА ДЕНСметот во Велес досега се собираше само во ноќните часови, а контејнерите се преполни веќе до пладне (Фото: СДК.МК)

    На последната седница на Советот на Општина Велес беше донесена одлука со која место по еднаш и тоа во ноќните часови, сметот ќе се собира двапати од јавните површини на главните улици и сообраќајници во градот. Досегашната фреквенција на собирање отпад не ги даде очекуваните резултати, бидејќи контејнерите во централното градско подрачје уште во пладневните часови се преполни со отпад.

    „Во централното градско подрачје работат многу трговски објекти, кои имаат лимитирани просторни услови, фреквенцијата на луѓе е голема, а количините на отпад се зголемуваат со современиот начин на живеење. Реакциите на незадоволните граѓани се големи, особено што отпадот влијае и на здравјето на луѓето, привлекувајќи скитници, глодачи и инсекти кои се пренесувачи на заразни заболувања, поради што оваа состојба е сериозна и неодржлива“, пишува во образложението за новодонесената одлука.

    Собирањето смет ќе се одвива во терминот од 12 до 14 часот и навечер после 21 часот. Директорот на ЈКП „Дервен“ Ѓоре Стојанов најавува дека обврската ќе ја почитуваат, но ќе имале проблеми, оти немале доволно возила.

    „Ова ќе ни создаде уште проблеми во собирање на сметот, а бидејќи сега имаме само стари и дотраени возила, тие често се расипуваат поради несовесноста на некои граѓани кои фрлаат и градежен шут и друг цврст отпад во кантите за смет. Поради тоа, јас со вработените правиме големи напори за целосно спроведување на одлуката на Советот, а во заедничката заложба за почист град. Најдобро решение на кое работиме е да набавиме нови возила и да ги замениме старите и веќе дотраени“, кажа директорот Стојанов.

    Најголем должник кон ова комунално претпријатие е Општина Велес, од која побаруваат 80 милиони денари, бидејќи претходната локална власт четири години не ги плаќала фактурите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира