Во строгиот центар на Битола има над петнаесет објекти за игри на среќа. На улицата Димитар Илиевски-Мурато која го пресекува Широк Сокак има девет казина и обложувалници, некои распоредени и една до друга. Оваа локација е на стотина метри од средното училиште „Таки Даскало“. Сличен е и примерот со казино на Широк Сокак оддалечено двесте метри од училиштето „Гоце Делчев“.
„Каде е да погледнете, најмногу светлечки реклами имаат казината. За да набавиме облека патуваме по моловите во Скопје, ама важно обложувалници и казина има на секој чекор. Како да сме станале Лас Вегас“, вели Мартин Николовски, средношколец од Битола.
До пред неколку години најчестите посетители по казината беа Грците кои имаа повисок стандард, но сега претежно навраќаат битолчани.
„Какви Грци, се задолжуваат нашите. Ги трошат платите, има и брзи кредитни линии за кеш, па заглавуваат до гуша. Дури да се свестат имаат огромни месечни рати кои не можат да ги подмират. Потоа почнуваат да се кријат кога кредиторите ќе почнат да им праќаат предупредувања за долгот“, кажува еден од честите посетители на казината.
Постарите битолчани се сеќаваат како Широк Скак беше улица на љубов, другарување, смеа, а денес на игрите кои не носат секогаш среќа. Се прашуваат кој е економскиот интерес вакви објекти да се отвораат на секој агол во град каде долго време нема нова економска инвестиција, со голема невработеност, иселени млади и претежно пензионерска популација.
Од Министерството за финансии деновиве апелираа Собранието што побрзо да ги усвои измените на Законот за приредување игри на среќа со кои ќе се обезбеди 500 метри оддалеченост на обложувалниците од училиштата. Овој предлог од јуни минатата година е во собраниска процедура и чека расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет.
Ж. ЗДРАВКОВСКА