ВО ВЕЛЕС ОТВОРЕН ПРВИОТ ОД ДЕСЕТТЕ ЦЕНТРИ ЗА ЖЕНИ-ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

    ВО ВЕЛЕС ОТВОРЕН ПРВИОТ ОД ДЕСЕТТЕ ЦЕНТРИ ЗА ЖЕНИ-ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВОВо новиот центар ќе можат да се сместат до шест жени (Фото: СДК.МК)

    Велес доби Центар за жртви на семејно насилство. Него денеска го посети министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и тој е подготвен да ги прими првите згрижени жени. Ова е прв од десетте нови специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство, што до крајот на годинава ќе се отворат во шест плански региони. Во него ќе можат да се сместат пет-шест жени, не само од Велес, туку и од цела Македонија.

    „Наш приоритет е да обезбедиме заштита и поддршка за секоја жена и девојка. Паралелно работиме и на превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искорениме овие појави од општеството“, порача министерката Царовска.

    По пријавата од жена дека е жртва на семејно насилство, било во полиција, било во центрите за социјална грижа, таа ќе биде сместена во овој Центар, каде ќе ги има сите услови за непречен престој. Во интерес на заштита на Центарот, неговата локација е позната само за вработените во Министерството за труд и социјална политика.

    До крајот на годината предвидено е отворање на кризни центри и во Прилеп и Штип.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира