ВО ВЕЛЕС СЕ ПОПОЛНЕТИ СИТЕ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ ГРИП ВО СЛЕДНИТЕ ДЕСЕТ ДЕНА

    ВО ВЕЛЕС СЕ ПОПОЛНЕТИ СИТЕ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ ГРИП ВО СЛЕДНИТЕ ДЕСЕТ ДЕНАВакцината во Велес се прима во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), на два пункта. (Фото: СДК.МК)

    Голем е интересот кај велешани за бесплатната вакцинација против сезонски грип, која почна денеска во цела држава. До 6 ноември сите термини за вакцинација се пополнети, по 60 лица на ден во терминот од 8 до 13 часот, кога се извршува вакцинација против сезонски грип.

    Вакцината во Велес се прима во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), на два пункта, и тоа: на влезот, каде што беше просторијата за земање на примероци за ковид-19, која е за стари и изнемоштени лица и лица со инвалидитет и на кат за останатите пациенти.

    „За територијата на Општина Велес примени се три илјади дози вакцина и исто толку за подрачјето кое го покрива Центарот за jавно здравје Велес, се однесува за градовите Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Свети Николе. Овие количества се за бесплатни вакцини и Велес доби уште 300 за комерцијална вакцина, која чини 700 денари“, кажа инфектологот прим. д-р Билјана Трајкова од Центарот за јавно здравје.

    Ризичните групи можат сами да се пријават на страницата вакцинација.мк. по што добиваат датум за вакцинација. Тоа се пациенти над 65 години, болни од хронични болести, деца од 5 месеци до 6 години, трудници, здравствените работници. Сите останати пациенти кои сакаат да се вакцинираат и заштитат од сезонски грип, тоа можат да го сторат со комерцијалната вакцина, која годинава е поевтина од лани кога чинеше 800 денари.

    Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски, денеска рече засега има добар одѕив, над 30 илјади граѓани се пријавиле за вакцинација, но, се надева дека тој број ќе се зголеми.

    „Ги следиме препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за обезбедување вакцини во октомври, тоа е навистина еден многу добар момент. Тоа што не го следиме, а препорачано е од СЗО, е опфатот на популацијата. Би било убаво кога годинава би забележале уште малку пораст на вакцинираните луѓе, со што би се приближиле до препораките од 75 отсто опфат на населението“, кажа Петличковски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира