ВО ВЕЛУШКА ТУМБА КАЈ БИТОЛА ОТКРИЕНИ ЕДНИ ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НЕОЛИТСКИ ПЕЧКИ ВО ЕВРОПА

    ВО ВЕЛУШКА ТУМБА КАЈ БИТОЛА ОТКРИЕНИ ЕДНИ ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НЕОЛИТСКИ ПЕЧКИ ВО ЕВРОПАСе открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури, керамички садови и мноштво мелници за обработка на жито. (Фото: СДК.МК)

    Во Велушка Тумба кај селото Породин во близина на Битола пронајдени се едни од најголемите неолитски печки во Европа.

    Тие се откриени при археолошките истражувања кои завршија неодамна, спроведени од Завод и музеј во Битола и Центарот за истражување на предисторијата, а преку Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел се изведуваа археоботанички и радиојаглеродни анализи. Раководител на истражувањата беше д-р Гоце Наумов, а кораководител виш кустос Јасмина Гулевска. Археоботаничките анализи беа во координација на д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов.

    „Во текот на истражувањата се добија повеќе податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и за обредите на заедницата која ја основала оваа неолитска населба. Таа функционирала континуирано во текот на стотици години во почетокот на шестиот милениум пред нашата ера, односно пред 8.000 години. Врз старите куќи се граделе нови, со што се формирала тумба висока околу четири метри“, соошпштија од Завод и музеј.

    Во овие архитектонски слоеви регистрирани се остатоци од десетина објекти градени еден врз друг, додека во текот на истражувањата се работело на еден од нив. Притоа се открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури, керамички садови и мноштво мелници за обработка на жито.

    „Интересен куриозитет се два специфични контекста од архитектонски и ритуален карактер. Во рамки на Градба 13 се открија две големи неолитски печки за леб, со аплицирани глинени сандаци за мелење на житото и месење на тестото. Со олед на нивните димензии, тие претставуваат едни од најголемите неолитски печки досега откриени во Европа“, соопштија од Завод и музеј.

    Поради ексклузивноста и нивната кршливост, неопходни се конзервација и заштита. Врз една од овие печки се откри правоаголна структура, во чиј јужен агол било погребано новороденче, положено во превртен сад. Овој обред е мошне редок кај неолитските заедници во Европа и има значајна улога во симболичката врска и идентификација помеѓу печката, куќата и садот со човечкото тело и животот. Крај печките се открија дваесетина керамички садови користени за готвење и конзумирање на храната, а дел од нив се декорирани со специфични бели орнаменти и имале церемонијален карактер.

    При истражувањата се пронајдоа и остатоци од жртвеници, модели на куќи и фигурини, што говори за симболичките претстави на првите земјоделци во Пелагонија, додека камените и коскените алатки укажуваат на дел од стопанските активности на ова неолитско население.

    Теренските истражувањата на Велушка Тумба се финансиски поддржани од Министерство за култура и туризам, а лабораториските анализи од Германскиот археолошки институт.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира