ВО ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИ ЧАС СО ГРАДЕЖНА МЕХАНИЗАЦИЈА НЕЛЕГАЛНО СЕ УЗУРПИРААТ ПРИВАТНИ ИМОТИ НА ТЕТОВЦИ НА РИДОТ БАЛТЕПЕ, ОПШТИНАТА НЕ ГЛЕДА

    ВО ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИ ЧАС СО ГРАДЕЖНА МЕХАНИЗАЦИЈА НЕЛЕГАЛНО СЕ УЗУРПИРААТ ПРИВАТНИ ИМОТИ НА ТЕТОВЦИ НА РИДОТ БАЛТЕПЕ, ОПШТИНАТА НЕ ГЛЕДАСопствениците на лозја велат деновиве со багери било влезено во нивните имоти и тие биле преорани. На ридот Балтепе, изминативе години се изградени голем број дивоградби, а Општина Тетово ниту ја спречува узурпацијата на земјиштето, ниту ги руши дивоградбите. (Фото: СДК.МК)

    Додека трае полицискиот час, во Тетово засега непознати лица со градежна механизација го преоруваат реонот веднаш под Тетовското кале и узурпираат приватни имоти. На ова посочуваат сопствениците на лозја според кои, деновиве со багери било влезено во нивните имоти и тие биле преорани.

    „Тоа се наши лозја кои се наоѓаат на уридно место веднаш под ридот Балтепе. Долго време не се користени од нашата поширока фамилија, па најверојатно узурпаторите помислиле дека е државна шума која може да ја користат. Влегле, најверојатно со некаков багер, и си направиле пат низ нашиот имот. Реагиравме и повикавме полиција, по што работите беа запрени, но се плашиме дека и во иднина тоа ќе продолжи, ако нема соодветна интервенција од институциите. Има многу изговори во институциите дека поради состојбата со коронавирусот не можат да интервенираат. Лицата кои се видени таму се од околните села“, објаснува сопственикот на имотот кој му е узурпиран, а кој сака да остане анонимен.

    Со вакви узурпации на имотите односно на лозјата под ридот Балтепе се соочиле и други тетовци.

    „Некои сопственици на овие имоти се наоѓаат во странство и тие не ни знаат дека во меѓувреме имотот им е узурпиран, па дури има и изградено и објекти на него. Но, и ние кои живееме во Тетово не сме сосем сигурни дека некој може преку ноќ да дојде и со багер да го преора нашиот имот. А тоа може многу лесно да го направи бидејќи, поради моменталната состојба, никој од надлежните институции не реагира на ваквите узурпации на приватниот имот“, велат некои од сопствениците на имотите на Балтепе.

    На ридот Балтепе, веднаш над Тетово, во изминативе години се изградени голем број дивоградби од кои некои се со површина од неколку стотини метри квадратни. Општина Тетово досега не презела никаква активност да се спречи узурпацијата на земјиштето на овој простор, ниту пак за рушење на овие дивоградби.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира