ВОДАТА НА ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ Е ЧИСТА, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ВОДАТА НА ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ Е ЧИСТА, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕEкологистите и граѓаните предупредуваа на загаденоста на водата на северното и источното крајбрежје, но тој проблем е решен (Фото: СДК.МК)

    Водата на плажите на источното охридско крајбрежје, а од пред неколку дена и на северниот дел, е од прва и втора категорија и е добра за капење, велат од Центарот за јавно здравје во Охрид.

    „Со посебно ангажирање на ‘Про-аква‘ преку поставување на полжни пумпи сега и водата на плажите ‘Лабино‘, ‘Градска плажа‘ и ‘Партизан‘ е од втора категорија, што не беше случај на последните мерења, извршени на крајот на јуни. Водата на капалиштата на источното крајбрежје е од прва и втора категорија, што значи дека е чиста. Од втора категорија е на оние места каде што не поминува колекторот, а тоа е делот кај Трпејца и Љубаништа”, вели директорот на Центарот за јавно здравје во Охрид, Сашо Точков.

    Последните денови од јуни екологистите и граѓаните предупредуваа на загаденоста на водата на северното и источното крајбрежје, но тој проблем е решен.

    Подобрувањето на квалитетот на езерската вода се должи на активностите кои ги презедоа службите на МЈП „Про-аква” за зголемување на протокот на вода. Со удвојувањето на капацитетот на препумпните станици кај Далјан и Подмоље, тој сега изнесува 400 литри во минута. Исто така, саниран е и дел од полжните пумпи, а со помош на службите на ЈП „Нискоградба”, извршено е и чистење на секундарната канализација на крајбрежјето кај Грашница.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари