ВОДАТА ОД ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ГОДИНАВА МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА НАВОДНУВАЊЕ

    ВОДАТА ОД ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ГОДИНАВА МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА НАВОДНУВАЊЕСо водата од акумулацијата се полеваат стотиците хектари лозја околу. (Фото: СДК.МК)

    Хидробиолошкиот завод од Охрид (ХБЗ) ги објави резултатите од испитувањата на водата во езерото Младост. Извршени се микробиолошки, физичко-хемиски, зоопланктонски и фитопланктонски анализи. Испитувањата на примероците се од исто место на три различни длабочнини, на половина метар, на 7 и на 13 метри. Еден примерок е земен од крајбрежниот појас на Отовичкиот залив. Петтиот е од близина на браната, a испитан е примерок од 15 метри длабочина за микробиолошки и физичко-хемиски анализи.

    Новина во однос на ланските испитувња на ХБЗ е што годинава, водата може да се користи за наводнување.

    „Согласно резултатите од физичко-хемиските и биолошките анализи, извршени на мостри земени на 09.06.2026, водата од акумулацијата Младост ги задоволува критериумите за користење за наводнување“, пишува во извештајот.

    Со водата од акумулацијата, што е нејзина примарна цел и за што е формирано езерото 1962 година, се полеваат околните стотици хектари лозја.

    При физичко-хемиските анализи евидентирани се значително високи вредности на органски биоразградливи материи и концентрации на нутриенти –азот и фосфор, што укажува на органско загадување на езерскиот систем. На 13 метри длабочина нема растворен кислород, што е причина за нецелосна деградација на органските материи присутна во длабоките езерски слоеви. На оваа длабочина е присутен интензивен мирис на сулфур, што било резултат на нецелосна разградба на органската материја во бескислородни услови. Вредностите за физичко-хемиските параметри укажуваат на квалитет на водата од трета до петта класа.

    Микробилошките анализи се извршени на неколку бактерии. Индикаторот за свежо фекално загадување, ешерихија коли, не е регистрирана на ниту едно од петте мерни места, ниту во водата, ниту во седиментот. Фекалните стрептококи ги нема на површинската вода, но ги има кај Отовичкиот залив.

    Од анализата на фитопланктонската заедница, констатирано е дека во езерото се одвива процес на еутрофикација, кој доведува до масовно размножување на алги. Со нивното изумирање и разградување се троши голема количина кислород, што доведува до изумирање на животинскиот свет.

    Во извештајот на ХБЗ се препорачува дека се потребни континуиран мониторинг и следење на евентуалните промени. Потребен е дотур на свежа вода во акумулацијата. При појава на наслаги на површината потребно е нивно механичко отстранување, како и багерирање на оние наталожени на дното. Овие наслаги се посебно изразени кај Отовичкиот залив, кој е и најзагаден.

    Од ЈВП „Лисиче“ информираа дека набргу ќе протече свежа вода до езерото.

    „На извршените две бушотини на Отовичка Река и Рудничка Река е пронајдена вода. За нејзин довод до езерото изведен е цевковод, потребно е да се приклучат пумпите на електронапојување. Очекувам дека за краток период водата ќе протече до акумулацијата и таа ќе добива свежа количина вода“, кажа Ване Маневски, директор на ЈВП „Лисиче“.

    Од Општина Велес претходно соопштија дека се обезбедени средства за чистење на каналот по Отовичка Река од ѓубре, отпад, трски и тиња во должина од 900 метри, што е барање на ХБЗ.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира