Водата од струшкиот водовод има зголемена матност и не е здравствено безбедна за пиење, соопштија денес од Центарот за јавно здравје во Охрид.
„Поради обилните врнежи од дожд кои деновиве го зафатија подрачјето на општина Струга дојде до нарушување на квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струга, по однос на параметарот матност. Од извршените мерења на водата за пиење од градскиот водовод во Струга, од страна на екипи на Центарот за јавно здравје Охрид, претпладнево, 28.11.2018 година, констатирана е зголемена матност во водата за пиење, со вредности значително поголеми од законски пропишаните“, велат од Центарот за јавно здравје.
Од Центарот велат дека во вакви ситуации треба да се почитува Правилникот за безбедност на вода
„Поради тоа и согласно Правилникот за безбедност на вода, водата од градската водоводна мрежа во Струга и селата кои се приклучени на градската водоводна мрежа, не е здравствено безбедна и истата не треба да се користи за пиење. Согласно процедурите, известени се надлежните институции и соодветните инспекциски служби за натамошно постапување“, велат од Центарот за јавно здравје.
Центар за јавно здравје Охрид во координација со надлежните институции континуирано ја следи состојбата и навремено ќе информира за состојбата со квалитетот на водата во градскиот водовод во Струга.
Д. ЧУБРИЌ