Градската плажа, Гранико и Полин на Дојранско Езеро може да се користат за капење и рекреација, според резилтатите од анализите на Центарот за Јавно здравје (ЦЈЗ) во Велес, извршени по Националната годишна програма за јавно здравје за 2026 година. Резултатите се доставени до Општина Дојран. Примероците се земени на 15 мај годинава.
Оценката за микробиолошките индикатори за водата на Градската плажа е добра, додека на плажите Гранико и Полин е одлична. Според физичко-хемиски параметри, на сите три плажи е 5-та класа по присутна матност, трета класа по присуство на амонијак. Според останатите испитани параметри е во втора и прва класа.
Стручните лица од ЦЈЗ Велес од извршените испитувања и стручната анализа, констатираат дека водата од Дојранско Езеро на трите плажи „може да се користи за капење и рекреација и покрај отстапувањето од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето“.
Бидејќи е видлив процесот на намножување алги, појава на пена на брегот, како и количина на биомаса со зеленкаста боја, од ЦЈЗ дополнително бараат од Општина Дојран за „комплетна проценка на безбедноста на водата и нејзината еколошка состојба“ да изврши анализа на фито и зооплактон во Хидробиолошкиот завод во Охрид .
П. ПЕЧКОВ



