ВОДАТА ВО СТРУМИЦА МОЖЕ ДА СЕ ПИЕ, А СТРУЧНА КОМИСИЈА ТРЕБА ДА ПРЕДЛОЖИ РЕШЕНИЈА ЗА БРАНАТА ТУРИЈА, РЕЧЕ КОСТАДИНОВ

    ВОДАТА ВО СТРУМИЦА МОЖЕ ДА СЕ ПИЕ,  А СТРУЧНА КОМИСИЈА ТРЕБА ДА ПРЕДЛОЖИ РЕШЕНИЈА ЗА БРАНАТА ТУРИЈА, РЕЧЕ  КОСТАДИНОВАгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја укина забраната и донесе решение дека водата од филтер станицата на „Комуналец“ е здрава и безбедна за пиење. (Фото: СДК.МК)

    По 30 дена забрана, жителите на Струмица и шесте населени места Добрејци, Просениково, Дабиле, Градско Балдовци, Водоча и Баница водата од градскиот водовод може да ја пијат. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја укина забраната и донесе решение дека водата од филтер станицата на „Комуналец“ е здрава и безбедна за пиење, соопшти градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов кој го презентираше решението пред медиумите.

    „Упатувам сериозна порака до институциите да си ја гледат работата којашто е во нивна надлежност. Струмица била, е и ќе биде сериозен партнер на сите државни институции. За да бидеме партнер институција мора да градиме партнерски однос. Затоа, повикувам, надлежните институции да не го политизираат повторно овој случај. Затоа, да седнеме како луѓе кои ја имаме честа од граѓаните да водиме институции и да носиме одлуки во интерес и за добробит на граѓаните“,  кажа Костадинов.

    Костадинов побара да се формира работна група со стручни лица за да се реши проблемот со водата во браната Турија, од каде со вода за пиење се снабдуваат не само жителите на Општина Струмица туку и од Општина Василево.

    „Упатувам апел и порака до надлежните институции, Минстерството за шумарство и водостопанство и АД ‘Водостопанство’ да седнеме на маса, да дискутираме за состојбата на водата во браната Турија, да изнајдеме решенија без разлика што тоа е нивна надлежност, ние Општина Струмица и ‘Комуналец’ сме подготвени да разговараме за можните решенија дури и на брана Турија. Знаеме дека Струмица сега има вода за пиење, но Општина Василево нема. Не знаеме дали утре повторно ќе има одрон во браната и повторно ќе ни се појави проблем со манган. Ова е време на прагмата, а не е време на политиката“, рече Костадинов.

    Тој не прецизираше дали со решавањето на проблемот со водата за пиење, Струмица ќе остане во Заедницата на единици на ликалната самоуправа (ЗЕЛС). Рече дека напуштањето на ова заедница не било желба на градоначалникот Костадинов туку револт на околу 50 илјади жители од општината поради молкот на ЗЕЛС за игнорантскиот однос на Владата и државните институции кон Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира