Локалната власт во Охрид побара од ЈП „Водовод” да ги исклучи пумпите кои црпат вода за градскиот водовод за потребите на охриѓани и таа да се пренасочи кон Студенчишкиот канал, за да се спаси плашицата, која поради нискиот водостој се бори за кислород.
„За да не дојде до евентуален помор на риби, особено во Студенчишкиот канал и во поплитките делови од крајбрежјето на Охридското Езеро, испратен е соодветен допис до Министерството за транспорт и врски, од кое побаравме, во рамките на нивните надлежности, да преземе соодветни мерки, со кои превентивно би се избегнале поголеми еколошки проблеми. Рибата поради нискиот водостој излегува на површина и наскоро може да се случи масовно да угинува поради недостаток на кислород”, соопштуваат од локалната власт.
Од ЈП „Водовод” веќе се исклучени пумпите кои црпат вода од Билјанини извори, со цел да се спаси плашицата во Студеншчишкиот канал.
„За да се надмине оваа состојба, од ЈП ‘Водовод‘ е побарано да се исклучат пумпите со кои се зема вода за пиење од каптажата ‘Билјанини извори‘ и истата да се пренасочи преку Хидробиолошки институт во каналот Студенчишта, за да се зголемат нивото на вода и количеството на кислород. Истото од страна на МЈП ‘Проаква‘ е веќе преземено. Иако ова количество вода е значително за водоснабдување на Охрид, ‘Проаква‘, без оглед на цената, постапи по барањето, со цел да се спречи еколошка катастрофа”, велат од локалната власт во Охрид.
Во Студенчишкиот канал моментално има повеќе тони плашица, на која овој дел од брегот ѝ е природно зимувалиште.
Д. ЧУБРИЌ