ВОЛОНТЕРИ ЌЕ ДОСТАВУВААТ ХРАНА ОД МАРКЕТИТЕ, ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ ДА ГИ ОСЛОБОДАТ ВРАБОТЕНИТЕ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ВО КУМАНОВО, РЕШИ ВЛАДАТА

    ВОЛОНТЕРИ ЌЕ ДОСТАВУВААТ ХРАНА ОД МАРКЕТИТЕ, ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ ДА ГИ ОСЛОБОДАТ ВРАБОТЕНИТЕ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ВО КУМАНОВО, РЕШИ ВЛАДАТАДенеска, тимови од Општинскиот штаб за заштита и спасување и Црвен крст Куманово дистрибуираат шеесет пакети со прехранбени производи и пијалоци, средства за лична заштита, хигиена и дезинфекција, на социјално најзагрозени семејства. (Фото: СДК.МК)

    Владата го задолжи Општинскиот кризен штаб на општина Куманово да определи економски оператори – маркети од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на подрачјето на Општина Куманово во деновите сабота и недела поради коронавирусот.

    „За оваа цел, се задолжува Општинскиот кризен штаб на општина Куманово, во соработка со Министерството за внатрешни работи да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намириници до домовите на граѓаните“, соопшти Владата.

    Владата ги задолжи и сите државни и локални институции од понеделник да ги ослободат порано вработените кои живеат на подрчјето на Куманово за да стигнат дома пред да започне полицискиот час. На приватните фирми им се препорачува да го прилагодат работното време и да овозможат работниците пред 16 часот бидат во своите домови. Голем број кумановци работат во Скопје и околните градови и ќе им треба повеќе време додека да стигнат дома.

    „Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица кои работат во овие институции и фирми, а кои живеат на подрачјето на Општина Куманово, да завршат со своите работни задачи и активности и да бидат ослободени за враќање во своите домови во периодот од 14.30 до 15 часот, со цел пред почетокот на забраната за движење на подрачјето на Општина Куманово, односно пред 16 часот да можат да бидат во своите домови“, се вели во соопштението.

    Денеска, тимови од Општинскиот штаб за заштита и спасување и Црвен крст Куманово дистрибуираат шеесет пакети со прехранбени производи и пијалоци, средства за лична заштита, хигиена и дезинфекција, на социјално најзагрозени семејства. Помошта ја обезбедија приватни фирми и компании од градот и државата, а акцијата ќе продолжи и наредните денови, за да им се излезе во пресрет на најсиромашните граѓани во време на кризата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира