Волонтери од цела Македонија денеска им помагаа на жителите од поплавените делови во скопскиот регион да си ги расчистат штетите во домовите и дворовите. Граѓаните се одзваа на повиците за акција од неформалните организации, кои деновиве се самоорганизираат преку социјалните мрежи, и на општина Гази Баба, на чија територија се најголем дел од поплавените места.
Денеска беше отворен пункт за собирање помош и на плоштадот Јадран, а продолжија да функционираат пунктовите кај Веро Џамбо и кај Сити Мол.
Од Црвен крст информираа дека во изминатите неколку дена дистрибуирале 17.662 пакети со храна (еден пакет е наменет за 4 лица), 15.000 дневни оброци, 7.600 топли оброци, 3.369 лит. млеко, 7.172 лит. Јогурт, 2025 пакети со хигиена, 128 тони вода, 630 пакети пелени, 550 душеци, 2154 кебиња, 600 кг облека, 286 парчиња чизми, 252 лит дезинтал. Укажани се 92 асистенции по прва помош од страна на екипите на Црвениот крст и реализирани се 4 медицински транспорти.
Оттаму апелираат да се донираат следниве артикли: конзервирана храна, бебешка храна и пелени, средства за хигиена, средства за дезинфекција, лопати, гумени чизми, кофи, гумени ракавици, пешкири, пелени за возрасни, пластични кеси за ѓубре. Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст на РМ во Момин Поток и во ОУ “Наум Наумовски Борче”- Скопје од 08,00 до 18,00 часот (телефон за контакт: 3 096 227).
ЈСП Скопје обезбедува бесплатен превоз за волонтерите кои викендов ќе помагаат, а автобусите поаѓаат во 9:00, 12:00 и 15:00 часот. Поаѓањето е од Ѓорче Петров – пред црквата Св. Петар и Павле, Кисела Вода – пред општина Кисела Вода, Бутел – пред стара општина Бутел. Крајна точка е Обиколница (Пункт накај Стајковци). Последното враќање назад е во 19:00.
Претседателот на Собранието Трајко Вељановски за утре закажа посебна седница посветена на состојбата во поплавените подрачја, осум дена по поплавите во Булачани, Илинден, Смилковци, Бутел, Ченто, Сингелиќ, Црешево, Стајковци, Инџиково, Арачиново, во кои загинаа 22 лица.