Во догледно време не е за очекување дека ќе проработи пругата од Битола за Грција, рече денеска министерот за транспорт и врски Александар Николовски при средбата со стопанствениците во Битола. Од грчка страна му било кажано дека во овој момент немаат средства да го репаририраат делот од пругата на нивната страна, а е во лоша состојба.
„Таму, за жал, не стои добро работата. Со тројца министери за транспорт од Грција сум разговарал, тројца се сменија откако јас сум министер. На нивната страна пругата не е во добра состојба и после несреќата што им се случи пред две години, кога имаше голем број жртви, нивниот железнички систем е во криза. И директно беше одговорено дека во овој момент немаат средства да ја репарираат. Така што, во догледно време не е за очекување дека ќе се отвори. Не поради нас, туку поради Грците“, рече Николоски.
Пругата од македонската страна, односно од Битола до грчка граница, беше обновена во 2019, но низ неа досега не помина воз за Грција. Место меѓународна линија, низ неа во 2023 неколку месеци беше пуштен воз на релација Битола-Жабени кој потоа запре поради неисплатливост.
Пругата од Битола за грчка граница започна да се гради во 2016, преку проект финансиран од ЕУ. Но, тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Потоа, државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Проектот чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра ИПА средства, а 11 милиони евра буџетот на државата. Пругата беше изградена за 4 години.
Во социјалистичкиот период до пред четириесетина години имало железничка врска меѓу Битола и Лерин, но македонскиот воз превезувал патници до граница, а таму се префрлувале во грчки и патувале до Лерин, каде повторно се преместувале во трет за Солун.
Пругата Битола-Солун почнала да се гради во 1891, а се доградила во 1894 година. Функционирала до Балканските војни. Отогаш досега, на оваа делница не поминал воз од македонска на грчка територија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



